Тепачки, блокади и приведени пратеници… во парламентот во Црна Гора (ВИДЕО)

Полицијата ги приведе сите пратеници од Демократскиот фрнт, откако беше усвоен Законот за слобода на вероисповед и одбиени амандмани на опозицијата, што покрена низа инциденти. ТВЦГ јави дека има и блокади на патишта во државата и дека има приведени меѓу кои и свештеници од СПЦ

496
ФОТО: EPA / KOCA SULEJMANOVIC

Пратениците на црногорската параламентарна опозициска партија Демократски фронт (ДФ) Андрија Мандиќ, Милан Кнежевиќ и Милун Зоговиќ остануваат во притвор заради инциденти на седницата на Собранието, на која беше донесен Закон за слобода на вероисповед.

Другите 19 пратеници на ДФ се ослободени, јави Црногорската телевизија.

Според ТВЦГ, Зоговиќ е осомничен за напад врз службено лице во вршење должност, а на Мандиќ и Кнежевиќ – кривично дело спречување службено лице во вршење службена должност. Според медиумот, првично било фрлено пиротехничко средство, а  потоа следувале низа инциденти во кои пратеници на ДФ навредувале и се обиделе да тепаат колеги од владејачката коалиција.

Полицијата ги приведе сите пратеници од ДФ и уште четири лица откако беше усвоен законот за слобода на вероисповед, и одбиени амандмани на ДФ што покрена низа инциденти. ТВЦГ јави дека има и блокади на патишта во државата и дека има приведени меѓу кои и свештеници од Српската православна црква.

Епископот Методиј и неколку верници ноќеска полицијата ги претепала за време на протестите за усвојување на закон за верска слобода, соопшти Светигора прес.

Тие тврдат дека владиката и некои граѓани биле соборени на земја од страна на полицијата и тепани со палки и нозе. Се тврди дека во тоа време биле повредени и двајца граѓани, кои се обиделе да го заштитат епископот Методиј.

Директорот на општата болница во Плевља, Едуар Лаловиќ, денеска потврди дека во текот на ноќта биле примени четири лица во болницата, кои биле вклучени во блокадата на пат, меѓу кои и еден полицаец и, како што рече, сите имаат полесни повреди.

Лаловиќ за Вијести изјави дека по укажаната медицинска помош сите биле пуштени дома.

Полициската управа на Црна Гора тврди дека не применила присилни мерки против епископот Методиј и дека тврдењата на Митрополијата црногорско-приморска дека полицијата го претепала епископот – не биле точни.

– За време на настанот, началникот на Центарот за безбедност на Плевља, Драган Славуљ, имаше неколку информативни разговори со владиката Методиј и свештеникот Боривој Пантовиќ и во никој случај не покренаа никакви забелешки за однесувањето на полицијата, се вели во соопштението на Полициската управа.

Премиерот Душко Марковиќ изјави дека инцидентите во парламентот се неодговорен чин кон граѓаните и не очекува радикализација на ситуацијата. Законот беше усвоен околу 2:30 утрово со гласови од пратениците од владејачкото мнозинство и Социјалдемократската партија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...