ОБНОВЕНО Заев го пријавил „Рекет“ во април – ден по првиот изборен круг

4076

Премиерот Зоран Заев попладнево соопшти преку својот фејсбук-профил дека случајот „Рекет“ го пријавил на 22 април 2019 година.

“Денес добив прашање од медиумите за точниот датум кога сум го пријавил ‘Рекет’. Проверив и ја известувам јавноста дека случајот го пријавив на 22 април 2019 година“ напиша премиерот.

Според тоа, Заев го пријавил случајот ден по првиот круг од годинешниве претседателски избори, по што ја објави и операцијата „Метла“, односно кадровските промени во врвот на СДСМ и во државни институции.

Денеска, Заев, на новинарско прашање, рече дека одржал состанок десетина дена пред Орце Камчев да ги однесе документите и материјалите во Обвинителството за организиран криминал и корупција. На средбата, како што посочи, присуствувале државниот обвинител и обвинителката за гонење организиран криминал. Притоа, тој најави, дека точниот датум на состанокот ќе го провери во својата агенда и ќе го соопшти до крајот на денов.

Јавноста дозна за „Рекет“  кон средината на јули, односно близу три месеци откако случајот бил пријавен во Обвинителството, кога Бојан Јовановски – Боки 13 беше уапсен на граничниот премин „Богородица“.

Вечерва, по седницата на ЦО на СДСМ, Заев изјави дека на 22 април го пријавил тоа што го видел, односно она што  беше објавено од Орце Камчев и од него предадено на Јавното обвинителство – видео на кое не се гледа Катица Јанева, туку комуникација меѓу Боки 13 и бизнисменот.

-Не можете никого да обвините претходно. Истрагата ги отвори моментите, па дојдовме до денешната состојба на перцепција кој каде бил и каде постои индиција и можност да биде одговорен – рече Заев.

Додаде дека не се водел воопшто од тоа некого да чува и да скрие и дека прва должност му била да пријави.

-Ми беше презентирано видеото и четири разговори кои се доволен основ. Сите треба да бидат еднакви пред законот, секој што има индиции треба да биде сериозно истражен заради тоа што само така сме нормална земја – рече Заев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...