Датумот за предвремени парламентарни избори, 12 април, е договорен со консензус. За да се одложи овој термин ќе треба да се договорат сите партии, порача лидерот на ДУИ Али Ахмети на денешниот брифинг со новинарите.
Ахмети вели дека во овој момент тоа е невозможно. Тој очекува утре на состанокот со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, до го слушне неговиот предлог за технички министер во МВР.
Ахмети не сакаше да прецизира каков профил на министер ќе биде прифатлив за него. Тој порача дека ако ДУИ победи во албанскиот камп, не би било добро за државата да се повтори 2006 година, кога партијата остана надвор од Владата, па по 1,5 година мораше да има избори.