СВЕТОТ ВО 2019: Година на драматични политички турбуленции во Латинска Америка

42
foto mia

Латинска Америка оваа 2019 година ќе ја памети по многу нешта, пред се, неубави: масовни убиства во нарко-картелите, девастирачките пожари во Амазонија, но најмногу од се по серијата уставно-политички кризи во повеќе дотогаш релативно стабилни земји од овој континент. Вирусот на Венецуела, каде неколку години наназад има сериозна криза на легитимитетот на актуелната владеачка гарнитура на чело со претседателот Николас Мадуро, сега, се чини, се префрли и на Боливија, Еквадор, Чиле…..

Малкумина на почетокот на годината ќе можеа да предвидат дека за само 12 месеци во Латинска Америка ќе се запалат неколку силни огнови, пред се, на граѓанско, па потоа и политичко незадоволство од состојбите во земјата, на демонстрации, уривање институции, убиства и ранувања. Некаде почна и трае заради длабоките политички разлики, некаде заради цената на горивата, на трето место заради цената на билетите, а всушност секаде причината лежеше во длабокото незадоволство на луѓето од состојбите во кои се наоѓаат државите и на економски и на политички, пред се, на демократски план.

И додека сите знаевме дека и годинава уставната криза во Венецуела ќе продолжи со несмалено темпо, како некаков логичен след на непомирливите разлики меѓу владеењето на претседателот Николас Мадуро и желбата за демократизација на општеството од страна на опозицијата, сепак, демонстрациите во Еквадор и Чиле беа изненадување, неочекувани за многумина. А уште понеочекувани беа десетината постизборни денови во Боливија, каде развојот на настаните доби таков епилог што и најголемите оптимисти не можеа да замислат дека дотогаш омилениот претседател Ево Моралес, кој го доби и четвртиот мандат уште во првиот круг од гласањето, за една недела ќе биде присилен да отстапи, да си поднесе оставка, и набрзина да ги спакува куферите и да пребега во Мексико.

Венецуела: Мадуро не го дава тронот

На почетокот на годината, поточно на 10 јануари венецуелскиот претседател Николас Мадуро даде заклетва за својот втор претседателски мандат, иако опозицијата во земјата, на чело со претседателот на Националното собрание Хуан Гуаидо не ја призна победата на Мадуро на претседателските избори затоа што во изборниот процес имало многу нерегуларности. И опозицијата и државите кои не ја признаа победата на Мадуро еве веќе цела година излезот од политичката криза, која во меѓувреме прерасна во економска, и пред се, хуманитарна криза, го бараат во организирање нови претседателски избори.

Неуспешната економска политика на Мадуро и екстремно високата инфлација ја заострија хуманитарна криза во земјата. Тоа на венецуелските опозиционери им даде дополнителна храброст да тргнат по позицијата на претседателот. Хуан Гуаидо кон средината на јануари дури и се прогласи за привремен претседател на земјата.

Двовластието што се појави во земјата и се закануваше да прерасне во општ граѓански конфликт, се обиде експресно да го реши меѓународната заедница со инстантото признавање на легитимитетот на Гуаидо. Во таа поддршка предничеа САД, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп уште истиот ден го призна Гуаидо за привремен претседател на Венецуела. Непосредно по нив истото го сторија и неколку латиноамерикански држави. На страната на Мадуро, меѓутоа, застанаа Русија, Кина, традиционалниот пријател Куба, Турција, Иран. До февруари, меѓутоа, ниту една европска земја не го призна Гуаидо. Таквата поддршка стигна дури на почетокот на февруари кога истече рокот што европските земји му го дадаоа за распишување предвремени избори. На тој начин Гуаидо доби силна поддршка на меѓународната сцена и ја засили својата  позиција на лидер на венецуелското антивладино движење. Во меѓувреме, дури  се појавија и гласини дека САД подготвуваат воена интервенција во Венецуела, по што претседателот Мадуро мораше да ја мобилизира војската и да изведува маневри.

Белата куќа ги демантираше ваквите гласини изјавувајќи дека „интервенција во Венецуела нема да има“, а администрацијата на Трамп интервенираше со хуманитарна помош за осиромашеното население во земјата, кое се почесто се соочуваше со празни рафтови во супермаркетите и егзодус во соседните земји во потрага по храна.

Во обидот за давање хуманитарна помош Мадуро препозна план за воена интервенција и од тие причини ги спречи камионите со помош да влезат од Колумбија во земјата. За време на судирите на границата  Хуан Гуаидо пребега во Колумбија. Следниот месец се врати во Венецуела, но неуспехот на хуманитарната акција се чини го сосече ентузијазмот на опозицијата, што беше толку очигледен на почетокот на годината

Демонстрациите против претседателот Мадуро, што беа едни од најискористените  опозициски средства за притисок врз властите, постепено загубија во сила. Последниот голем повик на Гуаидо за протест против власта, закажан за 16 ноември, собра само неколку илјади лица во Каракас, додека на почетокот на годината на ист таков настан беа собрани неколку десетици илјади Венецуелци.

Еквадор: Субвенциите за горива ќе го собореа Морено

Еквадор годинава беше во центарот на светската јавност по два исклучително значајни настани.

Првиот, беше пролетва кога еквадорската Влада, без најава, експресно му го одзеде дадениот азил на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, кој цели седум години се криеше од правдата во еквадорската Амбасада во Лондон. По одземањето на оваа екстериторијална привилегија Асанж експресно беше притворен во Лондон каде и во моментов ја одлежува казната, чекајќи на одлуката на судот дали ќе им биде испорачан на американските власти, кои го бараат за оддавање тајни

Вториот, многу подраматичен за граѓаните на Еквадор, беа жестоките демонстрации и судири во земјата заради владината одлука да се укинат субвенциите за горивата, како дел од договорот со Меѓународниот монетарен фонд. За обичниот граѓанин тоа значеше зголемување на цените на горивата. Незадоволни од владината одлука тие почнаа демонстрации, кои на 4 октомври беа причината претседателот Ленин Морено да прогласи вонредна ситуација.

Незадоволството беше најсилно меѓу еквадорското домородно население. Неговите претставници организираа насилни антивладини протести во главниот град Кито, а Морено дури и привремено  ја напушти престолнината. И покрај тоа еквадорскиот претседател брзо се снајде во целата ситуација и почуствува дека разликите и судирите меѓу демонстрантите и власта може да попримат и расен елемент. Од тие причини тој предложи преговори со претставниците на еквадорското домородно население. Тие се согласија и тоа создаде услови за решение на кризата во земјата, во која клучна беше еластичноста на Морено да ги прифати нивните барања и да ја смени владината одлука. На 14 октомври двете страни се договорија да се укине владиниот указ за укинување на субвенциите и оттогаш земјата полека влегува во нормала.

Чиле: Поскапите билети за метро за ерупција на гнев 

Во цела Латинска Америка најмалку очекувани беа потресите во економски силната и дотогаш политички стабилната држава Чиле. Уште од времето на владеењето на генералот Аугусто Пиноче оваа латиноамериканска земја важеше за политички најстабилна и економски најпросперитетна држава. Државниот преврат од 1973 година, изведен од тогаш младиот Пиноче, беше ненадоместлив удар врз левичарските сили, што Чиле го ставија во редот на државите  кои го поттикнуваат западниот неолиберален модел на развој на економијата. Патот на развојот на земјата, се чини, меѓу обичните Чилеанци создавал сериозно незадоволство, кое се трупало со секоја измината година и сега за миг експлодира како буре барут. Искрата која доведе до експлозијата беше едно, се чини, најбенигно, најобично решение на власта – одлука за зголемување на цените на билетите за метрото.

Оваа владина одлука во октомври ги иницираше првите, колку што беа неочекувани, уште повеќе беше чудно што беа бурни, демонстрации, по кои претседателот Себастијан Пинера мораше да прогласи вонредна состојба. Иако владата набрзо се откажа од идејата за зголемување на цените на билетите за јавниот превоз, демонстрациите не стивнуваа. Напротив, тие добиваа на сила, на замав, па се случија и првите судири меѓу демонстрантите и силите на редот, по што не само Сантијаго, туку и другите поголеми градови низ земјата наликуваа на бојни полиња. Демонстрациите веќе добија поширока агенда и огромна масовност: револт  против корупцијата, нееднаквоста, ниските пензии, проблемите со образованието и здравствената заштита.

За време на еден од овие огромни протести низ улиците на Сантијаго демонстрантите се обидоа да упаднат во чилеанскиот Парламент, кога зградата мораше да биде евакуирана. Владата на Пинера, ставена под постојан притисок, мораше да се согласи на сериозни отстапки. Претседателот мораше во Конгресот да поднесе предлог закон за зголемување на минималната плата. Власта мораше да се согласи и со барањето на демонстрантите за промена на Уставот, наследен од ерата на генерал Пиноче.

Чилеанците следната година ќе се изјаснуваат на референдум во врска со планираните уставни измени. Протестите во Чиле се уште траат и ако можеме да очекуваме разврска на кризата, таа најверојатно ќе настапи дури по евентуалните измени во Уставот, следната година.

Боливија: Од омилен претседател до бегалец од правдата 

Најсериозната и најдраматичната политичка смена, која воедно доведе и до нарушување на балансот на силите во една од земјите во Латинска Америка, дојде во досега мирната Боливија. По трите релативно мирни мандати, за само 10-тина дена од власта беше соборен долгогодишниот претседател Ево Моралес. До овој за многумина неочекуван епилог дојде по првиот круг од боливиските претседателски избори, што се одржаа на 20 октомври, на кои Моралес се бореше за својот четврти претседателски мандат. Откако беа преброени гласовите од првиот изборен круг, беше јасно дека нема да има втор круг гласање, и дека Морале го доби својот нов мандат да ја предводи земјата. Резултатот од изборите, меѓутоа, го покрена и прашањето дали тој има право на уште еден претседателски мандат, бидејќи боливискиот Устав дозволува само три последователни претседателски мандати. Опозицијата, на чело со заменик претседателката на боливискиот Сенат, Жанин Ањес, го искористи моментот и експресно организираше демонстрации против Моралес.

Протестите, во кои набрзо имаше и судири и неколку жртви, Боливија ја донесоа на насловните страници на светските медиуми. Се побара пребројување на гласовите, оставка од Моралес и нови избори, а во овие безредија боливиската армија и полицијата му го свртеа грбот на дотогашниот претседател и застанаа на страната на опозицијата. Нешто слично, но во помал обем,  видовме и претходно во Венецуела. По ваквиот развој на настаните Моралес на 10 ноември мораше да си поднесе оставка и да ја напушти  Боливија. Привремен азил побара и експресно доби во Мексико. Но, од средината на декември азил побара и од Аргентина, само едeн ден откако заклетва на функцијата положи новиот претседател Алберто Фернандез. Од новата дестинација за негов егзил, југот на континентот, пред неколку дена Моралес го најави своето враќање во земјата до следниот Божик.

Во меѓувреме, боливискиот Парламент на крајот на минатиот месец изгласа закон за одржување нови претседателски и парламентарни избори, за кои се уште не е закажан датумот, а на кои на Моралес нема да му биде дозволено да учествува.

Слично на нејзиниот венецуелски колега Хуан Хуаидо, и потпретседателката на Боливија, Жанин Ањес, се прогласи за привремен претседател на земјата, иако наиде на жесток отпор од приврзаниците на доскорешниот претседател и во парламентот и низ земјата.

На овој начин, политички ситуацијата на латиноамериканскиот континент заврши на истиот начин како и што почна – турбулентно. Со таа разлика што Николас Мадуро, се чини, ќе преживее затоа што успеа на своја страна да ги задржи грото од безбедносните сили во земјата, додека Ево Моралес не успеа во тоа и мораше да отстапи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...