Кога на ова исто место неодамна пишував за придобивките на американските граѓани од Законот на Обама познат уште како „Обама кер“, не спомнав дека главен противник на овој закон е движењето „Чајанка“ ( Tea Party movement), кое потекнува од екстремно конзервативното крило на Републиканската партија и е формирано да ги контрира законите на првиот обоен претседател во историјата на САД. Членовите на ова движење (инаку блиски до политичкиот и бизнис естаблишмент) се сметаат за директни потомци на прочуената „Бостонска чајанка“ (Boston Tea Party) od 1773 година кога тогашните американски колонисти ги истурија вреќите со чај од бродовите на британската компанија „Indian Tea“ која имаше намера огромното количество чај да го внесе во територијата на 13-те колонии на Источниот брег без царина, како суверено британско право на тие територии. Така целиот Бостонски Залив за момент се претвори во огромно количество чај, а тоа беше и почеток на Американската револуција и создавањето на Соединетите Американски Држави. Но, од историската „Бостонска чајанка“ од 18 век до оваа денешната, сепак, постои разлика. Формирана во 2009 година (времето кога Обама, веќе избран претседател, ги започнува своите надалеку познати реформи) како заштитничка на економските и воените интереси на САД, оваа новата ќе стане синоним на конзервативизмот, десничарството, антиреформизмот и цврстата рака.
И покрај тоа што чајот не е прв пијалак во Северна Македонија, слични движења на пријателите на попладневниот или вечерниот чај (afternoon or late evening tea!) секако постојат и во нашиот политички живот и делуваат во сличен манир. Се собираат постојано или се на повик (on demand), разни советници, партиски пиони, „заштитници“ на граѓаните, загрижени за егзодусот на интелектуалната (вистинска!) сила на ова општество, чуварите на моралот и доброто однесување, оние со купени дипломи и титули стекнати во безграничниот и проблематичен хоризонт на северно-македонското високо образование со лажни рецензии и криминален бекграунд. Тоа се нашите тајни учесници во чајанките во министерствата. Така моќните љубители на чајот ќе изменат, одложат, преиначат или избришат многу идеи кои се примарно ветувачки и позитивни во основа.
Една од тие добри идеи секако е трансплантацијата на органи која се наоѓа буквално на агендите на сите досегашни министри за здравство во државата. Напорите конечно да се среди ова исклучително значајно подрачје на медицината и конечно да најде примена во нашата држава особено се засилија во последните неколку години поради тоа што се зголеми бројот на хроничните болни со пропаѓање на виталните органи на организмот. Сознанието дека денес е можен апсолутно нормален живот со трансплантиран орган (бубрег, црн дроб, срце, бел дроб, панкреас, тенко црево, матка…) или композитен графт (дел од екстремитет, лице, корнеа) го подигна вниманието и на јавноста, особено од фактот дека не многу далеку од нас (географски, а не суштински) се наоѓаат европските земји каде што тоа без пречка и регуларно се прави. Долги години во државата постои само една колку-толку организирана трансплантација на органи, а тоа е бубрегот, и онаа на ткива, односно на матични клетки, кај малигните хематолошки заболувања.
Уште претходниот министер за здравство, Никола Тодоров, започна иницијатива за формирање Државен центар за трансплантација на органи и ткива кој првенствено би се занимавал со пресадување како основна дисциплина. Се направи организациона поставеност на новата Клиника за трансплантација на органи според прифатени европски стандарди и сертификати, со лоцира местото, се направи Закон за оформување на Клиниката и истиот се изгласа во Собранието со жестока реакција на тогашната опозиција составена од лекари со политичка функција (без да има какво било реално медицинско или разумно објаснување) преполна со лични навреди и приземна дискусија толку честа во законодавниот дом. И потоа, кога требаше да дојде и до реализација, сите активности едноставно замреа. Кој беше толку моќен една колосална идеја брутално да ја запре и до денес не е познато, иако се претпоставува дека чајанката ја свршила работата. Така, од сето тоа останаа купишта хартија кои ќе сведочат за добрите намери и огромната енергија залудо потрошена во еден осетлив момент во нашата држава. Втората по значајност иницијатива ја најави и актуелниот министер Венко Филипче, безмалку пред две години, кога сакаше да ги лиценцира приватните болници во Скопје акредитирани од JCI.
(Joint Commission International) за изведување на трансплантација на органи и ткива, имајќи предвид дека во нив постојат највисоки стандарди и соодветен кадар за исполнување на една ваква високо-професионална дејност. Се објави и оглас за барање лиценци за трансплантација. Но, еве речиси две години оттогаш нема ништо и од оваа добра идеја. И таа се изгуби во преводот на пријателите на чајот. Така, добрите намери на претходниот и на сегашниот министер не се остваруваат како што се замислени. Во безумните политички пресметки, дали државна, дали приватна или никаква трансплантација настрадаа болните. А кој друг? А всушност постои само успешна трансплантација на органи која на болните очајно им треба. Дали ќе биде државна или приватна, тоа државата може убаво да го реши со соодветни законски одредби и сето да биде легално, транспарентно и логично.
А дотогаш, ќе се организираат деновите на дарителството на органи, ќе се одржуваат пресови и јавни фотографирања со болните кои имале среќа да добијат бубрег од починато лице, нешто што во оваа држава започнало како регуларна активност пред 32 години. Ќе се трансплантира некое среќно дете со цистична фиброза на белиот дроб по многу молби и усилби во Виена, ќе падне и некоја трансплантација на црн дроб од жив дарител во турските болници, меѓу кои и „Аџибадем“. А каква ќе биде судбината на оние многубројни болни на кои очајно им треба трансплантација на орган да го продолжат голиот живот, не е тешко да се предвиди.
Сега болните и лекарите ги чекаат новите избори надевајќи се дека трансплантацијата ќе стане и употреблива дисциплина во политичката кампања за добивање гласови и дека, како таква, може конечно да се реализира. Или барем да биде едно ново ветување!
Се разбира, доколку чајанката во Министерството не одлучи поинаку.
(Објавено во Vox medici, декември 2019)