Ќе се отпишуваат каматите и ќе се даде можност за плаќање на рати за главиот долг, најави премиерот Зоран Заев, на денешната собраниска седница за пратенички прашања, одговарајќи му на независниот пратеник Панчо Минов околу решавањето на старите долгови на граѓаните.
– Граѓаните се влезени во еден „пекол“, во еден бесконечен лавиринт од кој тешко ќе можат да излезат и нивните деца – од блокирани трансакциски сметки, замрзнати имоти, судски пресуди. Затоа, многу граѓани и кога бараат работа ја бараат на црно, затоа што ако се пријавени ќе им бидат земени парите. Сето тоа е еден комплексен систем што мораме да го решаваме. Затоа тргнуваме со бришење на каматите и даваме можност за исплата на рати на главниот долг – нагласи Заев.
Тој нагласи дека, според нивните анализи, самите камати во огромен процент ги поминуваат дури и висините на основниот долг, што е катастрофално.
– Прво донесовме законски измени за намалување на трошоците за извршителите и нотарите, но тој не може ретрокативно да важи и затоа немаше голема рефлексија. Ова сега е втор обид што го правиме, со што дефинитивно имаме намера да им помогнеме на граѓаните. Но тоа го правиме и за компаниите, да се избришат каматите што ги имаат по долговите по сите јавни претпријатија, државни институции, општински институции, установи – објасни Заев.