Поранешниот сопруг на норвешката принцеза, Ари Бен, изврши самоубиство, соопшти неговиот портпарол.
Бен, автор на неколку романи и театарски претстави, во 2002 година се ожени со норвешката принцеза Марта Луис. Во бракот добија три ќерки, се разделија во 2016 година, а официјално се разведоа година потоа.
Норвешкото кралско семејство се огласи преку соопштение во кое наведоа дека Бен со години бил важен дел од нивното семејство.
По венчањето, на Бен кој инаку е роден во Данска се гледаше како на контроверзен партнер на принцезата, единствената ќерка и најстарото дете на кралот Харалд и кралицата Соња.
Бен со принцезата го запознала неговата мајка која ѝ била физиотерапевт на Марта Луиз.
Ари Бен можеби и најмногу го привлече вниманието во 2017 година кога во разговор за норвешката радио станица „П4“ откри детали од неговата средба со холивудскиот актер Кевин Спејси.
Според Бен, со Спејси имале пријатна средба сè додека актерот не го повикал да „излезат надвор и да запалат цигара“. Потоа, како што вели Бен, Кевин Спејси наводно ја ставил раката под маса и го фатил за меѓуножјето.
Неговите обвинувања беа објавени во времето кога Кевин Спејси беше отстранет од серијата „Куќа од карти“ заради слични обвинувања, беше заменет со Кристофер Пламер во филмот „Сите пари во светот“ на режисерот Ридли Скот, а челниците на лондонскиот театар „Олд Вик“ каде Спејси бил уметнички директор од 2003 година до 2015 година, се извинија поради тоа што сериозно не ги разгледале бројните обвинувања што ги добиле за неговото недолично однесување.
Ари Бен во 2018 година ја објави својата последна книга „Инферно“ во која изнесе детали за својата борба со менталните проблеми.