„Знаете што ми се случи? Јас сум ви вака осетлив, па хранам гулаби… Животни, каде можам. Тука исто хранев гулаби и ми доаѓа писмено известување. Вели, храните гулаби, тоа не смее на тоа место, ќе ве пријавиме на полицијата. Пазете, јас сум пријавен зошто сум хранел гулаби, а верувајте луѓе, мене ми ја одзедоа компанијата, но никогаш не добив било каков документ, ниту некој ме повикал некаде, и не го знам крајот“.
Така, од збор до збор, се пожали развластениот сопственик на Агрокор, Ивица Тодориќ на хрватските новинари кога неодамна го застанаа пред судот во Лондон по рочиштето на кое се одлучуваше дали ќе биде екстрадиран во Хрватска, пишува Мирослав Филиповиќ за Ал Џезира.
Глембај на нашите дни
Малку по малку, по дваесет и кусур години на површно познанство, Хрватите конечно се запознаваат со својот сограѓанин Тодориќ. Сето тоа време се снабдуваа во неговите продавници; тој ги хранеше со месо од неговите фарми, сирења и салами, ги поеше со сокови и кисели води, а оние обичните „со порака“; им го засладуваше животот со бисквити и чоколатчиња, ги развеселуваше со играчки … Кога врзуваа крај со крај им даруваше викенд- акции и неделни попусти на одредени артикли.
На секој агол, на секое место, Тодориќ имаше свои продавници и иако живееше во еден сомнително запоседнат дворец над Загреб со кралски поглед на градот и на целата земја под неговите нозе, на сите на некој начин им беше сосед. Сите го знаеја и го викаа „газда“, но само неколкумина можеа да кажат кој е тој и каков е навистина. Тоа се шпекулираше од неговите ретки настапи во јавноста, и од обично фризираните интервјуи. Во хрватското општество, дури и во повисоките слоеви, Тодориќ беше класа за себе, Глембај на нашите дни.
Недофатлив, а сеприсутен, Тодориќ имаше свој дворец, хеликоптер, јахта и вила. Дури и свој приватен остров. Во својот дворец или хеликоптер беше високо над сите, а на неговиот остров далеку од сите. Всушност, ништо од тоа не беше негово, туку на компанијата Агрокрор. Дури откако минатата година државната власт, во сплет на не баш сосема неочекувани околности, го отстрани од компанијата и кога остана развластен и приземјен, рече дека тој лично поседува само две мали ниви, дека практично е само сиромашен бизнисмен, а дека сето останато што поседува е всушност во сопственост на компанијата. А компанијата, глеј го транзицискиот трик, беше негова.
Со трошки ги хранеше работниците и гулабите
Ивица Тодориќ, како вистински газда со карактеристики кои се послични на феудалец отколку на капиталист, сакаше да оди на лов. Имаше и свои ловишта, знаете веќе, не беа негови туку на компанијата. Тој беше и национален рекордер по вредноста на застрелан елен и наводно опседнат со тоа да го надмине трофејниот резултат на најголемиот ловец на овие простори, Јосип Броз Тито.
Како на многу велможи и земјопоседници, на Тодориќ ловот му беше речиси статусна обврска и социјален афродизијак. Да се убие капитален ѕвер може само со заверка од пушката на високата политика и крупниот капитал. А победоносното позирање покрај мртов елен лопатар или сите оние дивокози застрелани од хеликоптер, е призор, кој ќе се покаже, гротескно го овековечува триумфот на овдешниот транзициски гениј.
Човекот кој тврди дека неговата компанија, а со тоа и моќта му ја одзела власта – номинално другата, но реално истата онаа што две децении порано сето тоа му го овозможи – во новосоздадената неволја неволно, а веројатно и со тешко срце го покажа на луѓето своето човечко, неизмиено лице. Тодориќ не го знаеме веќе како своевидно (пост)транзициско митолошко суштество, туку го препознаваме по паничното бегање од новинарите на улиците на лондонскиот Кенсингтон и одеднаш премногу зборлестиот белокос „господин“ кој повеќе личи на измамен штедач на пропадната банка, отколку на некој кој до вчера држеше во џебот (се покажа – шуплив) една цела државичка на работ на Европската унија.
Државен капиталист број 1
Конечно доаѓаме до оној призор на домашната реалност достојна не само на документарен туку и на играна филмска екранизација. До неодамна државниот капиталист бр.1, работодавач кој своите работници ги хранеше со трошки како гулабите, а на сличен начин ги подмируваше и добавувачите, до вчера и страсен ловец на крупен дивеч, стана анонимен „ гулабар“ во парковите на Лондон.
Поради околностите сега нив ги храни со трошки, ама тоа не му се брои во трофеите. Тамошните „боби“ во него не го препознаваат пропаднатиот бизнисмен-дисидент и самопрогласен пријател на животните од Балканот, па му пишуваат пријави за тоа, гледано од тука, тривијално хоби. Судбината понекогаш опасно се руга со судбоносците.
Подготви: А.Ј.