Создаден е моментум кој убеден сум ќе знаеме да го искористиме. Мотивацијата со којашто влегуваме во овој процес е силна и како држава подготвени сме да преземеме брзи, и таму каде што е потребно, радикални реформи, порача вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во обраќањето на Самитот на шефови на држави или влади на земјите-членки на процесот на соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој се одржува на Брдо кај Крањ, Словенија. Главна тема на Самитот е предизвиците и можностите за унапредување на меѓусебна соработка.
Османи посочи на охрабрувачката содржина во минатонеделниот Извештај на Европската Комисија за состојбите и напредокот на земјата, и безусловната препорака за започнување на преговорите за членство во ЕУ.
– Во овие турбулентни времиња важно е тесно да соработуваме за зголемување на вкупната безбедност во регионот. Овој Самит овозможува да се осознаат предностите на регионалната соработка, инклузивноста, квалитетот и предностите при изградбата на добри меѓусебни односи. Земјите од регионот заради заедничкиот географски, историски и социо-економскиот потенцијал треба да ја споделуваат и заедничката европска иднина – рече Османи.
Во своето обраќање Вицепремиерот Османи изрази задоволството од постигнатиот напредок за време на словенечкото претседавање во однос на за нас најважното надворешно политичко прашање денес – проширување на ЕУ, односно процесот на придружување на земјите од Западен Балкан во европското семејство.
Процесот за соработка на Југоисточна Европа е иницијатива за регионална соработка каде покрај Македонија членуваат: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Молдавија,Романија, Србија, Турција, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Косово чија цел е јакнење на политичката и безбедносната соработка, интензивирањето на соработката на државите во областа на економијата, демократијата, судството, човековите права и борбата против илегалните активности.