Лефон: Датумот зависи од тоа дали ќе има јасни сигнали дека С. Македонија разбрала што им е важно на членките на ЕУ

505

Европската комисија треба да ја претстави новата методологија во јануари, а идеално би било во март таа да се усвои од членките на ЕУ. За датумот треба да бидеме флексибилни, а дали тоа ќе биде март или мај зависи од тоа дали ќе следат јасни сигнали дека Северна Македонија разбрала што им е важно на земјите членки, вели во интервју за МИА Франсоа Лефон, советник на вицепремиерот за европски прашања, испратен од Француската влада.

Според францускиот експерт кој живее и работи во Скопје, новата методологија треба да донесе поголема извесност на процесот на пристапување, односно отворањето на преговорите да води до членство во ЕУ .

– Нема причина да почнете преговори и да кажете: „Нема проблем, нека потраат 10-15 години, не е важно.“ Важно е. Затоа што ја поткопувате способноста на ЕУ да го почитува предлогот и надежта на народот. Отворањето преговори треба да значи дека ќе бидете член на ЕУ, а не само да се отворат колку да се рече: „Добро, одиме полека, 10-15 години, не ни е гајле.“ Тоа не е целта на новата методологијa – нагласува францускиот експерт.

Целта е, посочува тој, да добиеме датум, a потоа да продолжиме со реформите, модернизацијата и подготовката на земјата за подобра иднина.

Од гледна точка на француски експерт, има време и во услови на техничка Влада Парламентот во преостанатите речиси два месеца да испорача конкретни резултати.

– Сѐ уште ќе има време за добри решенија и напредок во одредени области. Ако навистина сите политички партии се за членство во ЕУ како што велат, треба да се способни да се договорат околу реформите за да ѝ докажат на Европската комисија дека се посветени на доброто на земјата. Инаку, ќе видиме дека ова се само политички игри, и една од причините што не го добивме Законот за СЈО. Опозицијата не сакаше да му даде на мнозинството таков подарок пред изборите. Двотретинско мнозинство не беше можно. Ако партиите се посветени на европскиот пат, ќе сфатат дека овој момент е поважен од нивните политички игри. Па дури и со техничка влада би можеле да направиме некои работи. Во врска со Антикорупциската комисија, на пример. Сите знаеме дека на комисијата ѝ недостасуваат човечки ресурси и буџет, посочува советникот именуван од Владата на Франција во СЕП.

Ако добивањето датум за преговори е навистина главната цел во последните две-три години, сите треба да придонесат, порачува експертот Лефон.

Целото интервју ТУКА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...