Владата ја номинира министерката за правда за членка во Венецијанската комисија

Според Дескоска, земјите кои често праќаат закони на мислење до Венецијанската комисија, избираат да номинираат за свои претставници министри, заменици министри или државни секретари. Такви се примерите со Црна Гор, Србија, Романија, Унгарија...

782
Владата ја номинирала актуелната министерка за правда Рената Тренеска Дескоска за претставник на С.Македонија во Венецијанската комисија при Советот на Европа.
Иако за оваа номинација немаше информација во соопштението од вчерашната владина седница, Дескоска напиша на фејсбук дека се надева дека од јануари, по истекот на мандатот на постојниот член на Венецијанската комисија, ќе може да  придонесе за, како што вели, целосно хармонизирање на нашето законодавство со европското.
Според наводите на Дескоска на ФБ, нема судир на интереси во тоа што владата номинира член на владата за функција во Венецијанската комисија.
„Земјите кои често праќаат закони на мислење до Венецијанската комисија, избираат да номинираат за свои претставници министри, заменици министри или државни секретари, доколку истите ги исполнуваат условите, заради подиректна соработка со комисијата и целосна и искрена размена на ставови. Таков е примерот на Црна Гора која за свои претставници ги има министрите за правда и за надворешни работи, Србија чиј претставник е заменик-министерот за правда, Романија, Унгарија… Секако, во моментов одлуката на владата е само номинација“, пишува Дескоска. 
Инаку, таа е професорка по уставно право на Правниот факултет во Скопје, а министерската палка во правда ја презема при првата реконструкција на владата на СДСМ, каде што претходно беше министерка за образование. Во јануари следната година, Дескоска, најверојатно, се уште ќе биде министерка за правда, со оглед на тоа што нејзиниот ресор не е опфатен со промените што се предвидени за техничката предизборна влада.
Членовите на Венецијанската  комисија се избираат на предлог на министертвата за правда од редот на професорите по уставно и меѓународно право, парламентарци и државни службеници. Мандатот на членовите е четири години, со неограничено право на реизбор.
Во јануари следната година, и завршува мандатот на досегашната членка на Венецијанската комисија Тања Каракамишева, исто така од Правниот факултет во Скопје, од каде што беше и нејзината претходничка во ова советодавно тело на Советот на Европа – професорката Гордана Силјановска.
Венецијанската комисија, главно,  се занимава со уставни и изборни прашања, како и со прашања кои се однесуваат на функционирањето на демократијата и дава правни совети за прилагодувањето на домашната легислатива со европската. Ова тело моментно е актуелно во земјава поради Законот за употреба на јазиците, кој беше дел од преткоалицискиот договор на СДСМ и на ДУИ, а сега стана причина за разногласие меѓу коалициските партнери во врска со тоа како треба да се третраат забелешките на експертите на Советот на Европа.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...