Со лажна лиценца конкурирал на тендер на Министерството за одбрана

476

СВР – Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против Г.Ц.(53) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „фалсификување исправа“.

Пријавениот, во својство на управител на правно лице од Скопје, во текот на април 2019 година изготвил лажна Лиценца Б – за изведувач на градби од втора категорија со важност од 06.08.2012 година до 06.08.2019 година, како да е изготвена и издадена од Министерството за транспорт и врски. На 23.04.2019, како што соопштуваат од МВР, Г.Ц. ја искористил лиценцата  како вистинска и ја употребил на Електронскиот систем за јавни набавки. Лиценцата била доставена како прилог кон тендерска документацијата во врска со понуда на неговата фирма, а врз основа на оглас  за јавна набавка објавен од страна на Министерството за одбрана за оспособување надворешни разводи за греење во објекти на Министерството и Армијата.

Како што велат од МВР, откако до МО стигнале индиции дека фирмата прикачила фалсификувана лиценца, побарана е информација од Министерството за транспорт и врски. По добиена информација дека на тој правен субјект не му е доделена лиценца, МО поднело до обвинителството  кривична пријава против правниот субјект.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...