Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски рече дека на денешното рочиште за „Рекет“, се потврдиле неговите тврдења од пред неколку месеци дека еден амбасадор од земја членка на ЕУ реагирал кај министерот Никола Димитров, затоа што почесниот конзул на таа држава бил рекетиран од Бојан Јовановски и други лица поврзани со него, со синот на Катица Јанева и останати.
– Драго ми е што вистината излегува на виделина, знаете дека Зоран Заев се закани дека ќе ме тужи за клевета за случајот Рекет. Јас пред неколку месеци на телевизиско соочување, односно дебата со министерот за надворешни работи Никола Димитров, кажав дека еден амбасадор од земја членка на ЕУ реагирал кај министерот за надворешни работи, затоа што почесниот конзул на таа држава, за која еве сега е познато името, бил рекетиран од Бојан Јовановски и други лица поврзани со него, синот на Катица Јанева и останати. Тоа тогаш беше најостро демантирано од Никола Димитров дека таква работа немало, дека тоа било лага и така натака. Но, пред вистината и Боговите молчат. Еве после неколку месеци во судска постапка се потврдува дека Никола Димитров знаел за рекет и не пријавувал за рекет затоа што е кривично дело, и би сакал да го повикам ЈО и сите останати органи да го повикаат Никола Димитров и да го прашаат зошто не пријавил и соодветно да спроведат кривична постапка против него затоа што затскривање или не пријавување кривично дело е исто така кривично дело. Очекувам прво министерот за надворешни работи да поднесе оставка и потоа кривично да одговара поради тоа што не го пријавил случајот „Рекет“ – рече Николоски.