ДИСФУНКЦИОНАЛНО ОПШТЕСТВО (5)
Апсолутно го разбирам премиерот кога вели дека „(…) со прочистувањето ќе се одделат сите чесни судии и обвинители од оние што се нечесни или не треба повеќе да работат во правосудството“![1] Но, јас, ако е дозволено, би го дополнил премиерот и би рекол дека за мене буквално сите судии не треба веќе да работат во правосудството бидејќи се – неписмени. Зашто, прочитајте им го соопштението, она на нивното Здружение на судии, коешто вели: „Нашиот правосуден систем не е во состојба што ИМПОНИРА (подвлеченото мое) потреба од една таква широка проверка на судиите, (…)“![2] Овие судии – се извинувам ако меѓу нив има пописмени, ама тие морале да реагираат! – не само што не го знаат јазикот на државата во којашто судат, туку немаат поим ниту што значат интернационализмите што ги употребуваат во нивните соопштенија. И вие од таков свет барате сериозно и правично судење? Плус, со нив да одиме во Европа?!?
Но, не мислам дека баш јас можам да сведочам за сите таканаречени општествени сегменти и дијаметрално спротивставените примери на очигледна неписменост, неспособност и (дис)функционалност, ама нештата се речиси слични, ако не и идентични во сите области, а еднакво критични и во културата, образованието, науката … како и во правосудството. Таму примерите се судираат самите со себеси, се ништат едни со други односно речиси си/ни ја ништат европската перспектива. Европските „приказни“ во разни институции поминуваат со крајно поларизирани „толкувања“ односно лична и група нестручност и некомпетентност, што често наведува на помислата дека постојат, битисуваат во различни времиња и простори. Едните работат според европското „сметање“ на времето, другите според балканското, третите според некое свое, селско-локално, односно – ништо не работат! А главно – времето кај нас како да застанало. Зашто, ако во културата во иста област односно во две институции (национални, се разбира) имате два целосно различни концепти, два антипода – едниот стручен и компетентен на (барем) европско уметничко ниво, вториот на рамништето на селска галерија во свирипичино – тогаш за каков реформски контекст во дадената област воопшто (ќе) можете да говорите? И за какви европски стандарди и подготвеност за ЕУ? Ако првиот пример во континуитет од само две години на јавноста ѝ понуди професионални стандарди и квалитетни изложби еднакви на угледните европски музеи, а вториот ниту за пет години во континуитет не може да се одлепи од збирштината од етноромантичарски трошки и лични суети, тогаш за какво разбирање на нештата расправаме и за која европска иднина? Или мислиме дека ако државата добие пристапни преговори нештата ќе се средат самите од себе? Таков филм досега не е виден, не само на овие простори. Како што не беше виден ни во 1945, ниту во подоцнежните пресвртни децении. Вкупната атмосфера – еве, да речеме, победничка и европска – влијае благопријатно на работата на институциите, ама пресвртите, стручноста, компетентноста, стандардите зависат од луѓето, од менаџментот! И се разбира дека Владата, оваа или која и да е друга, не може да оди од човек на човек и да му (у)кажува што и како да работи, ама може барем да има контрола над клучните луѓе кои ги поставува во националните институции. Во културата особено нѐ уби партизацијата, онаа лошата – коалициската, неспособноста, неукоста, некомпетентноста поддржана од коалициските партнери. Кога би преговарале за делот култура со ЕУ, не би мрднале од првата страница барем десет години!
Речиси идентична е ситуацијата во образованието, на сите рамништа, особено високото. Зашто, повторно, не можат неколкумина професори кои често ги гледаме во јавноста да ја покријат неспособноста на останатите, оние кои молчеа и минатите дванаесет години, а молчат и сега. Освен оној со неговите небулозни „теории“ за кримогеноста на жената. Но и тоа е уште еден соодветен егземплар, нели, кога сосема некритички, необјасниво неконтролирано и тотално налудничаво се пропуштаат дури и учебници! Во истата комедијантска насока со децении ни се движи и науката, почнувајќи од врвната, најмериторната научна институција во земјата (МАНУ, се разбира) до сите оние институтчиња забарикадирани во своите суетни трла. Одамна македонската наука (повторно почнувајќи од МАНУ и примерот на „теоријата“ за „Каменот од Розета“!) го загубила критичкиот компас, галантно се препуштила на политиката „не се замерувај“ заради што кај нас континуирано се лиферуваат секакви будалаштини како научни ставови, особено ако „авторите“ се од редот на оние научно-политички „црвени чадори“!
Сакам да кажам: во дисфункционално општество по правило не постои сериозен дијалог, стручен или каква и да е компетентна размена на мислења. Во Северна Македонија по правило не постои дијалог, ние петнаесеттина години, но и денес, водиме разговор на глуви каде на едната страна се партиите – на власт или во опозиција, сеедно – на другата е струката/науката односно она малку што останало од неа, а на третата по правило е граѓанскиот сектор (иако тој со тенденција најчесто критички да ги опсервира општествените случувања и да се приклонува кон вториот „табор“) и социјалните мрежи. И сега, кога веќе ги спомнав таборите, таквата ирационална поделба во јавниот (политички, стручен, општествен) живот е убиствена и води токму кон оваа ситуација во којашто се препелка Македонија. И тоа не е лесно да се надмине, се разбира, иако вака, на хартија, нештата изгледаат сосема едноставни. Но, тука е умешноста/уметноста на политиката којашто мораше во овие три години да го обезбеди неопходниот баланс и да премине од разговор на глуви во конструктивен дијалог со јавноста. Самобендисаното држење на нештата само во своите прегратки веќе многупати се одмаздувало (не само) на оваа власт. Не знам дали, и зошто никој тоа не го гледа, или се прави дека не го гледа. Разговорот на глувите никогаш не е продуктивен и најчесто води во ќорсокаци. А ќорсокаците знаат да бидат и убиствени – буквално (на примерот на земјотресот во Драч, но и на потенцијалните „легализации“ на дивоградбите кај нас!), но и метафорчки тоест на подолг рок, како на пример националната срамота викана Охрид, па она „страшно и срамно“ (А. Вангелов) „Скопје 2014“ и уште едно чудо други примери! Но, за волја на вистината, овој наш разговор на глуви не се води од вчера, или денес. Ние, како општество, така разговараме со политиката, или власта, како сакате, цели триесет години. Ама, извинете, такво нешто беше реткост во оној извикан и исплукан бивш систем. Тоа можат да го посведочат сите професионалци кои ја имале среќата да „фатат“ / проживеат парчиња од двата, бившиот и сегашниот.
[1] Аноним, Само прочистување во судството ќе донесе позитивни резултати, смета Заев, Либертас, 24.12.2019
[2] Аноним, Ветингот е несоодветен, судиите има пред кого да одговараат, Слободен печат, 24 декември 2019. За оние кои нема туку-така да поверуваат во напишаното, потврдувам дека истата формулација стои и во Заклучокот од XXXII седница на Управниот одбор на Здружението на судиите на Северна Македонија, точка 1, објавен на веб-страницата на Здружението на судиите на Република Македонија.
Извор: Теодосиевски уметност