Томе Главчев, бизнисмен од Гевгелија, на прашање на судијката дали се познава или е роднина со некој од обвинетите на денешното рочиште за случајот Рекет“, рече дека е скаран со поранешната обвинителка Катица Јанева.
– Бев неколку пати повикуван во СЈО во функција на сведок во случајот „Поштенска банка“. Тоа што го доживеав во СЈО беше изживување и ми предизвика големи трауми. Подоцна на 19 јуни 2018 година ми беше речено дека ќе треба да дадам изјава и да си обезбедам адвокат зашто од сведок сум станал осомничен. Бев изненаден, адвокатот ме советуваше да не давам изјава зашто се работи за суета и тенденција на обвинителката и да поднесеме тужба. Јас тоа го одбив зашто гледав каква моќ има СЈО. Се исплашив кога дојдоа со наредба за личен претрес, а по дома ми се шетаа со шмајзери – рече Главчев и при тоа се расплака.
Oбвинителката Вилма Рускоска праша кои се причините што сте скарани со Јанева, но по реакција на бранителот на Јанева, судијката го прифати приговорот да не се прифати прашањето.
– Може да одговорам зошто сум се рекламирал на 1 ТВ наместо зошто сум скаран со Јанева – праша Главчев, што предизвика смеење во судницата.