Честитки од Пендаровски и Заев за католички Божик

57
FOTO MIA

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до сите христијански верници кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар.

– Дозволете ми, на сите христијански верници кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар да го честитам големиот христијански празник – Божик. Посакувам денот на Христовото раѓање да ни донесе среќа, здравје, радост и да ја засили нашата верба и надеж во подобро утре. Токму во деновите на празникот кој се минува со најблиските и кога нашите домови и срца се исполнети со светлина и топлина, да шириме љубов и хармонија во нашите семејства, но и да се грижиме и да им подадеме рака на сите на кои им е потребна материјална и духовна поткрепа. Христос се роди. Нека ни е честит Божик!, се посочува во честитката од Пендаровски.

Премиерот Зоран Заев во писмо до бискупот скопски и апостолски егзарх на Католичката црква во Северна Македонија, Киро Стојанов, нему и на верниците од католичката вероисповед им го честита големиот христијански празник Божик – празникот на Христовото раѓање.

– И оваа година се радуваме и го воспеваме раѓањето на богомладенецот Христос, придружуван од песната на ангелите во негова чест и во чест на овој настан: „Слава му на Бога во висината, а на земјата мир меѓу луѓето!“. Овој голем христијански празник секогаш ги повикува сите луѓе да го земат како пример делото и учењето на Исус Христос, и во мир и со спокоен дух, да им понудиме на сите, во исто таков мир да го победиме злото и да го преобразиме во добро, се вели во честитката на премиерот Заев до Киро Стојанов.

Премиерот Заев, како што соопшти владината прес-служба, во честитката нагласува дека секоја година Христовото раѓање е нова надеж за подобро утре за секој човек, во секое семејство.

– Ова се денови кога сите ние сме повикани да учествуваме да изградиме похуман и праведен свет, со уверување дека во мир и спокојство имаме можност за попросперитетна иднина за сите, пишува во честитката премиерот Заев и додава дека оваа година ќе ја запаметиме и по посетата на Светиот Отец Папа Франциск на нашата земја.

Во честитката Заев вели дека светата литургијата со која папата Франциск ги благослови католичките верници и сите граѓани со добра волја, е израз на почит за заедништвото меѓу народите на нашата земја кое го негуваат.

– Неговата посета беше силен поттик и поддршка за сите нас. Христос се роди. Среќен Божик за сите!“, се вели во честитката.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...