Католиците и дел од православните го слават Раѓањето Христово – Божик

60
foto MIA

Католичките верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божик. Традиционално, во државава централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде синоќа имаше божикна полноќна света литургија.

На литургијата присуствуваа и претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска, претседателот на Владата, Зоран Заев, вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски, претставници на верски заедници…

Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов, честитајќи им го празникот Божик на католичките верници на литургијата ја прочита божикната порака.

– Драги браќа и сестри! Во оваа Божиќна ноќ го славиме големиот настан во историјата на спасението, кога Бог одлучи да земе на себе човечки изглед, да го преземе врз себе постоењето на човечкиот род, да се овоплоти и да се појави меѓу нас како дете родено од жена. Го славиме роденденот на долгоочекуваното Божјо ветување на човештвото, оној што го нарекуваме Месија, Христос Господ и Откупител на човечкиот род. Божјиот Син доаѓа на свет како мало и беспомошно дете, целосно предавајќи се во рацете на луѓето.

Бог дојде во светот како дете. Оној кој е толку моќен, кој ги создаде небесата и земјата, кој на сите што живеат им вдахна свој дух на живот, се понижува и прифаќа да биде човек, да биде роден, прифатен, хранет, негуван. Така се манифестирала Божјата љубов во светот. И ние така треба да застанеме пред Бога, токму како деца. Кога знаеме дека сме од Бога сакани, тогаш треба да му возвратиме љубов на начин што ќе ги сакаме сите луѓе, без оглед какви сѐ и со какво име се нарекуваат. Бог, како дете, дојде на светот и се предаде целосно на луѓето да го хранат, негуваат, гледаат и воспитуваат. Божјата доверба кон човекот била голема. Тој и од нас очекува и нè повикува да му служиме токму во оние чии зборови едвај се слушаат во јавноста, кај малите и сиромашните или, со еден збор, кај потребните.

Тој повик го слушнала и нашата Светица, св. Мајка Тереза, која од љубов кон Исус сакаше да биде само „молив во Божјите раце, парче молив со кој Тој пишува само тоа што тој го сака“. Таа ја разбрала суштината на христијанското служење на Исус, велејќи: „Сите ние не сме создадени да правиме големи работи. Но, затоа можеме да правиме мали работи со многу љубов.“

Едноставните луѓе, Божји миленици, се подготвени и способни со смирение на срцето да го прифатат Божјиот глас што го слушаат, а кога ќе го чујат, подготвени се да го послушаат.

Божјиот глас го слушна и папата Фрањо, кога на почетокот на мај одлучи да посети две балкански држави: Бугарија и Македонија, како гласник на мирот и љубовта. Овде кај нас, оваа посета беше во знакот на нашата Светица, св. Мајка Тереза, чии напори ги пофали Светиот Отец.

Браќа и сестри, Исус да ни помогне да ја најдеме довербата што не прави човечни, да се учиме од Него на богољубност и човекољубност. Тој да ни помогне да ја најдеме таа блискост во нашите семејства, меѓу познатите и колегите, меѓу пријателите и соседите, во заедницата и во општеството, не само за овие празници, туку во текот на целата година и целиот наш живот. Во оваа радосно време да ги утеши тажните, да ги оздрави болните, да ги врати прогонетите на нивните огништа, а на сите нас да ни донесе радост и мир. Честит празник Рождество Христово! Христос се роди!, истакна бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов.

Божик денеска слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква, кои го прифатија Грегоријанскиот календар. Преостанатиот православен свет кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Руската, Српската и Македонската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и дел од монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...