Тројца нови сведоци денеска за „Рекет“

728

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска е закажано ново рочиште за предметот „Рекет“ во кој се обвинети поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски-Боки 13. Денеска треба да сведочат Зоранчо Митровски, Томе Главчев и Влатко Бошков.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и на денешното рочиште треба да бидат сослушани четворица сведоци. Случајот го води судијката Васка Николовска Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Рускоска.

На минатото рочиште сведочеше вработена во компанијата „Орка холдинг”, која рече дека во декември 2018 година и во февруари годинава има вадено неколку пати поголеми суми од приватни сметки на семејството Камчеви.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски-Кичеец.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“.

Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти овој месец, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...