ТНТ одложено за 17 јануари, се бара чаре за поротниците

120

Судењето за случајот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“ на инвеститорот Фијат Цаноски продолжува на 17 јануари 2020 година. Истекување на мандатот на поротници, откажување на адвокати, болни сведоци и обвинети се дел од причините за одложување на рочиштата, но и за поднесување иницијатива за измени и дополнување на Законот за кривична постапка.

Рочиштето за „ТНТ“ вчера беше одложено поради отсуство на обвинетиот Тони Трајковски, за кого неговиот бранител Јовица Страшевски рече дека е хоспитализиран на Клиниката за неврохирургија.

На следното рочиште ќе се знае дали процесот ќе продолжи или ќе има промени на Судечкиот совет, што резултира со повторување на целата постапка.

Адвокатите од одбраната на вчерашното рочиште на „ТНТ“ побараа постапката да не продолжува со денешниот состав, бидејќи на Лилјана Ивановска Кочоска ѝ престанува функцијата судија поротник, додека судијата поротник Марија Кондовска има навршено 60 години со што ѝ престанува функцијата по сила на закон.

Обвинителот Бурим Рустеми рече дека функцијата судија поротник не престанува автоматски и оти смета дека може да се продолжи по барање.

Во „ТНТ“ обвинети се повеќе лица меѓу кои и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.

Судијата од Основниот кривичен суд Скопје, Владимир Туфегџиќ, вчера поднесе иницијатива до надлежните институции за измени и дополнување на Законот за кривична постапка, со цел да се спречи непотребното одолговлекување на судските рочишта при промена на член на судечкиот совет, при што некои се враќаат и на почеток.

Со оваа иницијатива судиите на овој Суд, како што стои во соопштението, сакаат да придонесат измени со кои доследно ќе се почитуваат правата на странките во постапката, ефикасност во постапувањето, еднаквост на оружјата и почитување на правото за судење во разумен рок.

„Имајќи ја предвид досегашната судска пракса, во смисла на примена на законските одредби од ЗКП, а кои се однесуваат на повторен почеток на главна расправа во случај на измена на составот на судечкиот совет, сметам дека Основниот кривичен суд треба да поднесе иницијатива за измена и дополнување на Законот за кривична постапка од причина што досегашната судска пракса покажала дека при промена на составот на судечкиот совет, продолжувањето на веќе започната кривична постапка во целост зависи од согласноста на странките, во однос на веќе изведените докази“, се наведува во иницијативата на судијата Туфегџиќ.

Во досегашното постапување во кривичните предмети пред Основниот кривичен суд, клучен фактор за одолговлекувањето на започнатите кривични постапки е токму изричната законска одредба од член 371 од ЗКП, која наметнува обврска на судечкиот совет да бара согласност од странките да се прочитаат веќе изведените материјални и вербални докази, а доколку таква согласност не биде дадена од странките во кривичната постапка, судечкиот совет во изменет состав мора одново да ги изведе сите докази.

Во иницијативата се предлага при промена на составот на судечкиот совет, започнатата кривична постапка непречено да продолжи откако на новите членови на постојниот судечки совет на нејавна седница ќе им бидат презентирани дотогаш изведените докази во текот на кривичната постапка, за што ќе се состави записник за одржана нејавна седница на судечкиот совет, притоа да се избришат законските решенија во оваа смисла кои предвидуваат изрична согласност на странките во кривичната постапка по однос на повторното изведување на веќе изведените докази.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...