Трет, четврти и петти том од книгата-проповеди „Слова за словото“ од неговото блаженство, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан беа промовирани денеска во Музејот на македонска борба во Скопје. Книгата е резултат на архипастирското дело на г.г. Стефан изминативе 20 години како Поглавар во Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и 33 години како архиереј во епархиите во земјава и дијаспора.
Како што истакна денеска академикот Катица Ќулавкова во своето излагање на промоција на книгата, ораторскиот опус на овие дела претставува збир на заеднички слова во разни значајни поводи и свечености, но и увид во неговите интервјуа кои се читаат како поткрепа на бројни негови заеднички изјави.
-Го имаме пред се третиот, четвртиот и петиот том од обемниот опус и ораториум на г.г. Стефан. Ораторскиот опус на поглаварот на македонска православна црква претставува првенствено збир на заеднички слова во разни значајни поводи и свечености, а потоа дава увид во неговите интервјуа кои жанровски припаѓаат на друг вид говор, но можат да се читаат и како поткрепа на бројни негови заеднички изјави – рече Ќулавкова.
Архиепископот г.г. Стефан на денешната промоција рече дека Словото е со поучна и евангелска содржина, и е посветено на Исус Христус кој, како што рече, бил и останува средиште на црковната проповед.
-Најтешко е човек да си биде судија сам на себе. Но ќе речам дека секогаш насекаде и за се сум се трудел да објаснувам и опишувам со кратки и сфатливи зборови за секого. Исто така, секогаш сум ја имал в предвид онаа старозападна порака дека тешко ќе им биде на пастирите кои самите се пасат, односно говорат сами за себе. Но доколку се восхитиме на она што лично сметаме дека сме го заслужиле, чествувањето ќе биде разбрано и запаметено. Исус Христос бил и останува средиште на црковната проповед. Токму нему му се посветени сите слова од моите пет книги – рече г.г. Стефан.