На Очната клиника навреме ќе се открива ретинопатија кај бебињата и други болести

88
FOTO MIA

Со новите апарати, кои денеска беа промовирани на Универзитетската клиника за очни болести, ќе може рано да се открие ретинопатија кај предвремено родените бебиња, а ќе се испитуваат и промените на крвните садови во очите кои што се појавуваат кај глаукомот и некои други болести.

Министерот за здравство, Венко Филипче, кој денеска ја посети Клиниката, изјави дека новите апарати на Клиниката се користат во најразвиените европски центри.

– Едниот апарат е за многу рана детекција на заболувања на очите, т.н. ретинопатија кај предвремено родените бебиња, а другиот е за детекција на промените во крвните садови кај одредени болести, како што е глаукомот. Ова е значаен чекор напред во квалитетот, што ќе го пружи Очната клиника во периодот што следи со оглед на тоа што досега за дијагноза на ретинопатија кај предвремено родените деца се користеше стара метода. А со оваа метода очекуваме компликациите од тие нарушувања во очите кај предвремено родените деца да се со нула проценти слепило, за разлика од тоа што беше досега со старата технологија која не можеше се да детектира. Сега со навремена и точна дијагноза може навреме да се даде соодветна терапија со која клиниката веќе располага за да се надмине тој проблем – истакна Филипче.

Директорот на Клиниката за очни болести, д-р Христијан Дума, рече дека со првиот aпарат, за навремена дијагноза кај децата со прематурна ретинопатија или кај предвреме родените, се следи технологијата во светски размери.

– Вториот апарат е за дијагноза на ретината, односно на крвните садови и со него може да се направат испитувања и кај пациенти кои имаат сенилна катаракта односно перде. Еден од најголемите проблеми е чекањето на ширењето на зеници, а овој апарат го има тој бенефит да може да работи на мала пупила – истакна д-р Дума.

Апаратот за испитувања на состојбата на крвните садови и апаратот за дијагноза на предниот сегмент се бесконтактни, брзи и со нив се вршат безболни прегледи и се добива брза дијагноза кај пациентите.

Во оваа установа се вработени шест доктори, а дел од нив се на специјализација, а следи прием на десеттина медицински сестри.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...