Фрапантно е колку површно, аматерски и ненаучно дава заклучоци човек како Макрадули, кој постојано се повикува на науката, и за да се приближи до младите дури ѝ се придружува на Грета Тумберг во повикот кон науката, а во презентираните податоци науката ја нема, реагираат од „О2 Иницијатива“, по изјавата на заменик-министерот за животна средина дека оваа година имало најмалку загадени денови.
Во реакцијата на „О2 иницијатива“ се вели: „Како е дојдено до презентираните податоци, тоа ќе треба Макрадули и владата да објаснат. Можеби, се наведува, користи база на “тајни научни податоци”, кои не се достапни за обични граѓани на страницата на МЖСПП, бидејќи расположливите податоци се различни од презентираните.
Пишува, иако тоа јасно не се нагласува, дека се споредуваат шест месеци во годината, јануари, февруари, март, октомври, ноември и декември. Презентирано за овие месеци во 2019, при тоа декември уште не е завршен, број на денови со среднодневни концентрации на PM10 над гранична вредност, за Миладиновци 31 ден, а всушност се 93 дена, за Центар 31 ден, но надминати се 81 дена, при тоа нема податоци за 10 дена, Ректорат 46 дена, надминати се 123, Карпош 24 дена, надминати се 75, при тоа за 9 дена нема податоци. Гази Баба нема мерења во јануари-март 2019, па не може да се пресметува воопшто за оваа мерна станица.
Презентирана е и максимална среднодневна концентрација на PM10 за ови е 6 месеци по години, за 2019 за Миладиновци 156, а всушност е 241, Центар 124,2, но измерена е 263,4, Ректорат 134,2, но максималната е 390, за Карпош 120,7, но имаше 295,7.
„Заменик-министерот за животна средина вели „Факт е дека оваа година има значително намалување на бројот на денови со надминати среднодневни концентрации на РМ10“. А всушност факт е дека оваа година октомври беше како август, со високи летни температури од 28 и 30 степени, ноември беше микс на септември и октомври, а во декември до сега не видовме вистинска зима, едвај неколку утра со температури под нулата. Факт е исто така, дека голем дел од деновите се проследени и со ветер“, велат од „О2 иницијатива“
И покрај високите температури и присуство на ветер оваа година, факт е дека мерната станица Ректорат покажала најниски вредности за РМ10 во 2015, а не во 2019, исто како и мерната станица Миладиновци. Факт е дека овој октомври не покажува намалени вредности во однос на октомври 2015 за Гази Баба, Карпош, Ректорат, Миладиновци. Куманово во октомври 2016 покажува за 33 µg/m3 пониски вредности од октомври оваа година. Факт е дека во јануари 2010 се измерени далеку пониски вредности за Ректорат, пониски дури за 50%, а за Миладиновци скоро 100% пониски од тие измерени во јануари годинава. Во споредба со 2019, во јануари 2012 измерени се за скоро 20 µg/m3 пониски вредности за Карпош, во Битола 1 и Битола 2 измерени биле повеќе од дупло пониски вредности во јануари 2010, кога и во Тетово се измерени пониски вредности, а во Кавадарци јануари 2016 дава пониски вредности од јануари 2019.
„Макарадули, ви помина мандатот во политички изјави и полувистини. За човек кој постојано се повикува на факти и наука, крајно разочарувачки“, велат екологистите.