Примената на посебни истражни мерки, како што е следењето на комуникациите, дава резултати и овозможува успешен прогон на сторителите на кривични дела. ПИ-мерките, сепк, се се применуваат строго рестриктивно, ама даваат резултати и нивната понатамошната примена е пожелна, констатира јавниот обвинител Бодан Лазаревски, кој во името на државниот обвинител Љубомир Јовески денеска го образложи извештајот за примена на ПИ- мерки во 2018 година.
– ЈО е рестриктивно во барањата и примената на ПИ-мерки бидејќи такви мерки претставуваат грубо кршење на слободите и правата на граѓаните и се применуваат само во случаи кога е тоа навистина неопходно, кога се потребни докази и не може да се дојде на друг начин. И за оние кривични дела вообичаено од областа на организираниот криминал и во делот на кривични дела кои се таксативно наброени и за кои е дозволена примена на ПИ-мерки – рече обвинителот Лазаревски.
Тој информира дека во текот на 2018 година ПИ-мерки се применети во 95 случаи против 317 лица со утврден идентитет и 551 предмет на кривично дело. Споредбено, во однос на 2017 година, тоа претставува зголемување, затоа што претходната година овие мерки биле применувани во 71 случај против 289 лица со утврден идентитет и 363 предмети на кривично дело.
– Ваквото зголемување процентуално во однос на бројот на случаите претставува 34 отсто, а во однос на лица со утврден идентитет кои биле опфатени со примената на овие ПИ-мерки е 9,7 проценти – рече обвинителот.
Пратеникот од ВМРО- ДПМНЕ Зоран Илиоски имаше забелешка единствено во однос на тоа што на денешната седница беше презентиран извештајот за 2018 година и побара во наредната година навремено да биде презентиран извештајот за 2019 година. Обвинителот Лазаревски најави дека извештајот за 2019 година реално е да се очекува да биде доставен пред надлежната собраниска Комисија до крајот на првата половина на 2020 година.