Во собраниската Комисија за надворешна политика денеска едногласно помина Предлог законот за ратификација на Спогодбата меѓу владите на Македонија и на Србија за отворање заеднички граничен премин Лојане-Миратовац.
Спогодбата е потпишана на 16 декември 2019 година и е предвидено да се реализира во две фази.
– Желбата на двете влади е првата фаза за локален сообраќај да се реализира уште на почетокот на наредната 2020 година. Ќе треба да се постават контејнери на српска територија каде ќе бидат сместени органите (МВР и Царина) на двете држави. Во таа насока ќе биде потребно обезбедување, соодветна инфраструктура, интернет, односно рехабилитација на постојниот пат. Паралелно со ова ќе функционира проектот за оспособување на преминот за меѓународен сообраќај. Да се најде земјиштето каде ќе биде изграден инфраструктурниот објект кој ќе биде користен од двете страни. Со отпочнување на таа постапка почнуваат и законските предвидени прописи – оттуѓување на земјиште, добивање соодветни дозволи, избор на компанија која ќе ги изведува работите… Имајќи го предвид искуството со граничниот премин Белановце- Станчиќ, тоа може да трае малку подолго, односно од 3-5 години – рече потпретседателот на Комисијата за одржување, обележување и отворање гранични премини на РСМ со соседите и директор на Директоратот за конзуларни работи и меѓународно право при МНР, Љуфтим Спахиу.
Изградбата на објектите со околу 2,4 милиони евра ќе ја финансира Норвешка во координација од Секретаријатот за европски прашања, а државата ќе ги опреми изградените објекти.