Здружението за надворешна и меѓународна политика – Совет на амбасадори соопшти дека е непримерно највисоките државни институции да дебатираат и носат резолуција за етничкото и јазичното потекло на еден народ, како што неодамна беше случај со Народното собрание на Република Бугарија.
– Совет на амбасадори смета дека услов С.Македонија да стане членка на ЕУ не би требало да биде таа да ја прифати интерпретацијата на бугарските историчари за потеклото на македонската нација и на македонскиот јазик, како единствена историска вистина, туку тоа да се заснова на заедничката вистина утврдена од комисиите кои се засновани со цел да се унифицираат разликите во толкувањето на заедничкото историско минато на двата народа врз основа на научните аргументи и толкувања на историската наука во регионот и во светски размери, пишува во реакцијата на Извршниот одбор на Советот на амбасадори и неговиот претседател Љупчо Арсовски.
Изразувајќи загриженост што последниве денови од истакнати личности од политичкиот живот, научната сфера, државни институци и поедини владини и невладини асоцијации на Република Бугарија интензивно се актуализираат, како што наведува „старите бугарски теории за негирањето на македонскиот јазик“, Советот смета дека единствениот пат на зајакнување на меѓусоседските односи меѓу двете земји и пријателството меѓу двата народа е да се почитува и имплементира во двете земји Договорот за добрососедски односи и соработка.
– Совет на амбасадори е убеден дека минатото нѐ научи дека треба да бидеме свртени кон иднината, без условувања туку напротив со отворена поддршка како што е заедничката заложба во Договорот и чесните изјави дека треба да ги отпочнеме преговорите и побргу да ги исполниме условите за полноправно членство во Европската Унија, се додава во реакцијата.