Бугарската академија на науки (БАН), со одговорот на Повелбата за македонскиот јазик од МАНУ, не соопшти ништо ново. Напротив, колегите од БАН – Институтот за бугарски јазик, Кирило-Методиевскиот научен центар, како и од Институтот за историски истражувања, само ги повторија одамна познатите ставови со кои се негира посебноста на македонскиот јазик (БАН, 11.12.2019).
Тоа што, меѓу другото, наиде на особена критика кај бугарските колеги е аргументацијата содржана во Повелбата (МАНУ, 3.12.2019) за „многувековниот континуитет“ на македонскиот јазик, дека „развојот на писмениот македонски јазик се врзува за најмалку две автохтони писма/азбуки, глаголицата и кирилицата“, дека во согласност со доминантната научна теорија „македонскиот јазик кој се говорел на просторите на Македонија на кои живееле македонските Словени, посебно во солунскиот регион, е токму тој јазик којшто преку кирило-методиевските преводи на Светите книги, ги внел Словените во христијанскиот свет“. Во одговорот на колегите од БАН се укажува дека „бугарскиот карактер на Кирило-Методиевиот јазик“ е научно докажан факт уште од 19 век и со векови овој јазик е „познат со народносното име единствено како бугарски“. За нив, глаголицата и кирилицата во рамките на средновековната бугарска држава „биле во употреба на целата бугарска говорна територија“, додека скрипторската традиција била „нераздвојно поврзана со бугарската и е само дел од целосната бугарска книжевна традиција од средновековието до денес“.
Зошто се преименува “македонската страна” во комисијата?
Копретседателот на заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања, проф. Драги Ѓоргиев, коментирајќи го ставот на БАН истакна дека тоа „не е ништо ново“ и претставува генерален став на лингвистите во Бугарија. Притоа, тој беше категоричен дека „ова ги доведува во апсурдна ситуација и односите меѓу двете земји, а секако и работата на заедничката комисија“ (Дојче Веле, 12.12.2019). Меѓутоа, веднаш се наметнува прашањето како може ставот на БАН кој е навистина генерален и општо познат, а кој јавно го застапуваат и членовите на бугарската комисија, одеднаш да ја доведе работата на заедничката комисија во апсурдна ситуација? Од Ѓоргиев исто така дознавме дека македонските членови на комисијата се согласиле да ги потпишат записниците од последните два состаноци, како „историчари од Република Северна Македонија“, а не како дотогаш „македонската страна“, прифаќајќи го образложението на бугарската страна дека употребата на придавката македонски за државни комисии, било во колизија со одредбите на Преспанскиот договор.
Имајќи предвид дека бугарските колеги од самиот почеток „избегнувале во историска смисла да ги користат термините македонски јазик, македонска нација, македонска култура“, тогаш станува сосема јасно од какви позиции и за каква „заедничка“ историја преговарале и договарале македонските членови на комисијата!
Низ призмата на спротивставувањето на аргументите на највисоките научни институции на двете земји во однос на јазичниот континуитет со лоцирањето на вековните традиции во средновековието, се поставува прашањето како македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања ќе го разреши ваквиот научен спор? Уште повеќе, што комисијата веќе ги утврди сесловенските просветители св. Кирил и св. Методиј и нивните ученици св. Климент и св. Наум, како дел од „заедничката“ историја. Договорената формулација ја обелодени претседателот на бугарскиот дел од комисијата, проф. Ангел Димитров, кој истакна дека комисијата постигнала согласност околу текстовите доставени до владите на двете земји, дека делото на светите браќа св. Кирил и св. Методиј е „сочувано токму во средновековна Бугарија од кадешто станува достапно на словенските народи, дека како израз на политиката на бугарските владетели кнез Борис и цар Симеон се создадени книжевните школи во Плиска, Преслав и Охрид, дека самиот празник 24 мај е создаден во Бугарија како прв светски национален празник, како и дека цар Самуил е бугарски владетел“ (24 часа, 1.11.2019).
Ставовите на членовите на македонската комисија во контекст на овие прашања станаа појасни по дебатата помеѓу двајцата копретседатели за значењето на терминот „заедничка“ историја, која се одвиваше директно на Бугарската национална телевизија (БНТ, 28.11.2019). Ѓоргиев го образложи ставот околу интерпретацијата на заедничката историја за средниот век со реторичкото прашање: „кога зборуваме во рамките на таа средновековна бугарска држава…таа е голема држава, во која се внесени многу елементи, народи и заедници, во која смисла би била таа заедничка историја со денешниот македонски народ“? На прашање од водителката, дали царувањето на Самуил е заедничка историја, Ѓоргиев потврдно одговори дека „тоа е заедничка историја во смисла дека тоа е една држава во која се живее, така јас се согласувам во таа смисла, апсолутно, таа е заедничка историја, така е во таа смисла да.
Меѓутоа, кога се качуваме понагоре хронолошки, тогаш станува тој термин малку чувствителен, кога доаѓаме 19 и 20 век“. Според Ѓоргиев, „македонската страна не го негира постоењето на бугарската држава, апсолутно не, не може, нема како да го негира. Македонската страна не го негира исто така формирањето на бугарската народност во тоа време. Меѓутоа, дебатира околу тоа дека формирањето на бугарската народност на целокупната територија, на таа голема средновековна држава, дека била со ист интензитет, како што била во средиштето на бугарската држава и дека тоа формирање во 9 век трае до 1944 г.“
Спорна и македонската комисиска интерпретација
Значи за македонските членови на комисијата не е спорно дека средновековниот период од 9 век, вклучително и Самуиловата држава, биле дел од „заедничката“ историја и аналогно го определиле како „бугарски“. Тоа го потврди и проф. Ванчо Ѓорѓиев, кој како член на комисијата го пренесе ставот дека заедничка историја со Бугарија е „периодот во средновековието кога Македонија била дел од бугарската држава, потоа периодот од 1915 до 1918 година, кога за време на Првата светска војна територијата на Македонија е окупирана од Бугарија и периодот од 1941 до 1944 г.“ (Сител, 6.12.2019). Оттаму, воопшто не изненадува прашањето кое претседателот на македонскиот дел од комисијата реторички го постави, дека периодот на средновековието губи смисла да биде „заедничка историја со денешниот македонски народ“.
Од досегашната работа на комисијата произлегува дека единствената преостаната дилема кај македонските колеги во однос на претстојната ревизија на учебниците за средновековието, е дали процесот на создавање на бугарската народност бил со „ист интензитет“ и на територијата на Македонија, како што тоа било случај со средиштето на бугарската држава? Меѓутоа, останува нејасно за кое средиште зборува Ѓоргиев, ако се земе предвид дека средиштето на Самуиловата држава (која комисијата ја прогласи за „бугарска“), билo во југозападна Македонија, со политички и црковни седишта во Преспа и Охрид?! Притоа, се наметнува и прашањето на кој начин македонските членови на комисијата ја дефинирале Самуиловата црква – Охридска архиепископија, иако аналогијата на „заедничката“ историја е повеќе од јасна. Треба ли да очекуваме во иднина тие повторно да реагираат со изјави во медиумите, како и во случајот со соопштението на БАН, за да укажат на некакви апсурди кога статусот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе биде негиран и тоа токму врз основа на историското дефинирање на Самуиловата држава и црква, кое самите тие го договориле и потпишале во рамките на комисијата?!
Ако се земе предвид реактуелизирањето на спорот на релација МАНУ-БАН, што ги илустрира сериозните научни разидувања кои директно задираат во есенцијата на посебноста на историскиот развој на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет, комисиската интерпретација на средновековието во контекст на словенските просветители и дефинирањето на 24 мај како „бугарски празник“ (Ангел Димитров, БНТ, 17.12.2019) добива дополнителна тежина. Тоа покажува дека македонските колеги не ги антиципирале последиците од иницијалното еуфорично себе-прокламирање на решавачи на „конфликтите“ во историографиите на двете земји. Тие очигледно не ја разбраа доволно сериозноста на улогата која им е дадена со политичкиот договор, како и тежината на одговорноста која ја преземаа врз себе при ставањето на потписите за прогласувањето на личностите и настаните од средновековието како дел од „заедничката“ историја.
Членот на бугарската комисија, проф. Иван Илчев, тоа мошне јасно го предочи, кој констатирајќи го големиот пробив на комисијата со потпишувањето на текстовите во кои „се кажува дека Самуил е цар на Бугарија, дека св. Климент Охридски и св. Наум Охридски се испратени во западна Бугарија од владетелот на Бугарија, Борис за да ја шират новата писменост и религија итн.“, остро реагираше дека при прославата на св. Климент на 8 декември, премиерот Зоран Заев ниту еднаш не го спомнал зборот „Бугарија“ или „бугарски“ и тоа во ситуација кога „владите на двете земји се ангажираа да прифатат тоа што комисијата го потпишала“! (БНР, 16.12.2019).
Што е поапсурдно – ставот на БАН или ставот на македонските членови во комисијата?
Низ призмата на ваквите изјави се поставува прашањето што е поапсурдно? Ставот на БАН, или ставот на македонските членови на комисијата?!
Спорот на релација МАНУ – БАН постоел и ќе постои, но неговото реактуелизирање само ја разобличи апсурдноста на комисиското ревидирање на средновековната историја со прифаќaњето на историографските конструкти од 19 век. Оттаму, последните неубедливи изјави на македонските членови на комисијата и заложбите за одложување на седниците за постизборниот период, се само рефлексија на неуспешните обиди за излез од ќорсокакот во кој самите западнаа, на што укажав во повеќе колумни.
Суштината на проблемот има многу посериозна димензија и се заснова на тенденцијата за затворање на македонското прашање (expres.mk, 5.10.2019, 6.10.2019). Тоа го предочи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој коментирајќи го спорот околу посебноста на македонскиот јазик и работата на заедничката комисија, истакна дека „овој процес во основа значи последен чекор кон затворање на македонското прашање … Ние долго време живеевме во онаа двојност, тоа го имавме и кај името… многу е важно за затворањето на македонското прашање, да најдеме разбирање токму со соседите, кадешто имаме најмногу испреплетување во историјата“ (Телма, 12.12.2019). А како постигнувањето разбирање е можно со политички декларации и условувања на европските интеграции, е друго прашање.
Копретседателот на комисијата, проф. Ангел Димитров, сосема јасно ја лоцираше суштината на проблемот дека во Македонија „не се излегува од постулатите на наметнатиот македонизам како државна доктрина“ (БНТ, 17.12.2019). За проф. Илчев, проблемот е што комисијата работела само една година и освен големиот пробив за средновековието, во овој рок не можела да промени „нешто кое било напластувано“, што го вклучува и „македонското во продолжение на 75 години“. Според него, комисијата може да потпишува текстови за заедничката историја, „но доколку нештата во нив не влезат во свеста на луѓето во Северна Македонија, не сме направиле ништо“ (БНР, 16.12.2019).
Ревидирање на македонскиот национален наратив?
Историчарите најдобро ја разбираат комплексноста на македонското прашање, кое во својата суштина се заснова на територијалните аспирации на соседите кон Македонија по 1878 г., проследени со пропаганди за наметнување на „националната свест“ и негација на сите форми и пројави на македонизам. Рефлексија на ваквите тежненија во однос на Македонија биле и балканските историографски конструкти, чијашто заедничка синтагма по 1878 г. било присвојувањето на средновековните личности во националните наративи и нивно проектирање во функција на легитимирање на историското право на македонската територија, а со тоа и на „свеста“ на нејзините жители (Mitko B. Panov, The Blinded State).
Од аспект на 21 век, решавањето на македонското прашање е единствено можно доколку Бугарија прифати дека природно право на секој народ и нација, што ја вклучува и македонската, е да ги негува создадените национални митови и легенди, кои настанале на територијата со која нацијата се поврзува и се израз на историските тежненија за самостојност и за државност, претставувајќи дел од идентитетот.
Треба исто така да се признае дека сите балкански народи имаат свои национални митови и испреплетена историја. Но, за тоа е потребна промена на пристапот својствен на европските демократии, примена на современите научни методологии, со што тенденцијата за догматизирање на историјата ќе се замени со отворено научно дебатирање за сите прашања со респектирање на различните ставови. Тоа индиректно го призна и проф. Илчев, кој укажа на анахроноста на бугарската позиција, бидејќи според него европското јавно мислење расудува дека во „Македонија има држава Северна Македонија, таа си има своја историја, свој јазик“. Притоа тој посебно потенцира дека „за жал благодарение на пренебрегнувањето на ова прашање од повеќе власти, политичари и влади кај нас во последните децении, ние во моментот сме изолирани во Европа и во светот. На наша страна стојат исклучително малку, за огромна жал, исклучително малку историчари и филолози“! Но ние „треба да ги заштитуваме националните интереси“, заклучи Илчев (БНР, 16.12.2019).
Другата алтернатива за затворање на македонското прашање е Република Македонија да го ревидира македонскиот национален наратив и да се откаже од македонизмот, со што променетиот наратив во учебниците ќе се однесува на креирањето на свеста за новиот идентитет на „граѓаните на Република Северна Македонија“. Историчарите од „Република Северна Македонија“ во комисијата го направија првиот чекор во тој правец. „Шчо напраифме“, ќе запраша Мисирков, и „шчо требит да праиме за однапред“?!
(Авторот е редовен професор во Институтот за национална историја – Скопје)