Академик Ѓорѓи Филиповски, еден основачите на Македонската академија на науките и уметностите, почина денес на 100 години.
Филиповски, заедно со Блаже Конески и Харалампије Поленаковиќ, се членови на првата комисија задолжена за формирање на МАНУ, која е основана на 23 февруари 1967 година. Во мај годинава, МАНУ со голема свеченост ја одбележа 100-годишнината од неговото раѓање.
Филиповски е роден во село Сорович, Леринско, во Егејскиот дел на Македонија. Основно училиште и гимназија завршува во Битола. Студира агрономија во Земун (1937–1941) и дипломира во Софија (1942), каде што останува до 1944 како асистент по педологија. По ослободувањето е шеф на Отсекот за педологија и агрохемија на Земјоделскиот испитателен институт (1944–1947). Најмлад наставник во првиот наставнички совет на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје (од 1947), каде што е и пензиониран како редовен професор. Докторирал во Земун со тема за солените почви на Овче Поле. Бил на студиски престои во Франција и во САД. Основач е на Катедрата по педологија и агрохемија и повеќе децении бил нејзин шеф. Бил продекан и декан на Факултетот, како и ректор на Универзитетот. Бил научен секретар на МАНУ во првите осум години по основањето, а потоа во три мандата и потпретседател. Автор е на 19 монографии, меѓу кои и тие за деградацијата на почвите на Македонија, за класификацијата на почвите на Македонија, за климатско-вегетацископочвените региони. Благодарение на него и на неговите соработници, почвите на Македонија се едни од најистражените на Балканот. Неговиот учебник по педологија доживеал 4 изданија (1968– 1993). Има напишано и два терминолошки речника во издание на МАНУ