Духот на инклузивност и на добрососедските односи што го поттикнаа состаноците за унапредување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан донесе повеќе придобивки од непосреден интерес на граѓаните во регионот е еден од заклучоците на третиот состанок за унапредување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан што денеска се одржува во Тирана.
На состанокот, како што соопштија од владата, е заклучено взаемната
поддршка при природни катастрофи и вонредни состојби да биде вклучена како
уште еден столб во унапредувањето на соработката во регионот, и во таа
насока во февруари во Белград, надлежните институции на секоја од земјите
од Западен Балкан ќе го потпишат документот Протокол од Драч за соработка
на дирекциите за заштита и спасување.
На состанокот е соопштено дека наскоро ќе почне изградбата на новиот граничен премин Лојане – Миратовац, а царинските дирекции на земјава и на Албанија ќе го потпишат договорот за One Stop Shop за граничниот премин Ќафасан.
– Главната цел на овие One Stop Shop, односно гранични контроли со едно застанување наскоро да станата – Нон Стоп Шоп, односно премини без застанување, и како придонес за остварување на оваа постапка ќе биде и воведувањето на бесхартиен систем кој ќе ги поедностави царинските постапки. Во таа насока за истакнување се и неодамнешните одлуки донесени во рамките на ЦЕФТА, за време на претседателството на Албанија, особено одлуката за автоматско признавање на овластени економски оператори, и унифицирањето на процедурите за работни дозволи за сите граѓани во сите држави во регионот – велат од Владата.
Лидерите на земјите учеснички и на оваа средба го реафирмираа ставот дека оваа иницијатива има за цел да ја забрза соработката за да се олесни и забрза процесот на европска интеграција на секоја од земјите од Западен Балкан, и дека таа е отворена за сите шест земји во регионот.
На состанокот во Тирана лидерите од Западен Балкан позитивно го оценија охрабрувањето на Европската комисија, на политичките и финансиските институции на ЕУ, на Регионалниот совет за соработка, како и на Светската банка, и другите приврзаници на европската перспектива на регионот за поддршката во спроведувањето на иницијативите што произлегоа од овој процес.