Хрватска утре избира претседател, од денеска изборен молк

Избирачите во првиот круг од претседателските избори во Хрватска што ќе се одржи утре ќе одлучуваат кој ќе влезе во вториот круг, што е извесно дека ќе биде одржан.

105

Во Хрватска денеска започна изборниот молк во пресрет на претседателските избори, на кои 3,85 милиони избирачи ќе одлучат кој од 11-те кандидати ќе ја предводи државата наредните пет години.

Изборниот молк ќе трае до утре, до 19 часот, односно до затворање на избирачките места.

Избирачите во првиот круг од претседателските избори во Хрватска што ќе се одржи утре ќе одлучуваат кој ќе влезе во вториот круг, што е извесно дека ќе биде одржан.

Речиси сите анкети како водечки тројца кандидати ги издвојуваат актуелната претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, поддржана од владејачката ХДЗ, Зоран Милановиќ, кандидат на СДП и независниот кандидат Мирослав Шкоро.

Хрватската радиотелевизија (ХРТ), според најновата анкета, објави дека во вториот круг ќе се натпреваруваат сегашната претседателка Грабар Китаровиќ со освоени 28,3 отсто од гласовите и поранешниот хрватски премиер, социјалдемократот Зоран Милановиќ со поддршка од 26,6 проценти.

Според анкетата, во случај Шкоро да помине во втор круг, би ја победил актуелната шефица на државата со разлика од 3,6 отсто од гласовите (Шкоро 48,7 проценти, а Гранар Китаровиќ 45,1 отсто). Од друга страна, додека во трката би биле Шкоро и Зоран Милановиќ, победничката разлика би била 5,6 отсто во корист на хрватскиот пејач.

Од вкупно 11 кандидати кои ќе учествуваат в недела на изборите, уште само европратеникот и поранешен судија на Стопанскиот суд во Загрем, Мислав Колакушиќ би освоил околу седум отсто, а сите останати се под три проценти.

Избирачките места ќе бидат отворени в недела во 7 часот, а ќе се затворат во 19 часот, додека првите прелиминарни резултати се очекуваат околу 20 часот истата вечер.

Рекорден број набљудувачи, повеќе од 24.000, ќе ја следат работата на изборните тела на претседателските избори.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...