Изгоре старец во пожар во куќа во Велес

Сѐ уште не се знае причината за избувнувањето на пожарот.

147

Во пожарот кој избувнал ноќеска во велешката населба Варналиите изгоре една куќа, а загина и нејзиниот сопственик. Пожарот е локализиран и се работи на целосна ликвидација на жариштата, информираат утрово од Противпожарната бригада во Велес.

Оттаму истакнуваат дека нема опасност по соседните објекти, како и дека сѐ уште не се знае причината за избувнувањето на пожарот.

Во врска со пожарот синоќа се огласи и Велешкиот градоначалник Аце Коцевски.

– Со жалење ве известувам, дека ноќеска во Велес, околу 23 часот, избувна силен пожар што целосно изгоре една куќа во која се претпоставува дека настрадал и сопственикот, лице на околу 80 годишна возраст, а една куќа е делумно зафатена од пожарот. По интервенција на пожарникарите од ТППЕ Велес пожарот е ставен под контрола – напиша ноќеска Коцевски на својот фејсбук профил.

Куќата која изгоре, додава Коцевски, е споменик на културата, заштитена со закон, бидејќи е дел од Јадрото на Варналиите, со автентична стара велешка архитектура од 19 век, каде што режисерот Милчо Манчевски снимаше делови за спотот за убавините на Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...