Јанакиески на ТНТ: Фиjат Цаноски да каже што му ветувале Груевски, Мијалков, Муса и Ахмети

Не сум сакал никогаш да го урнам „Космос“ од политичка одмазда. Сефер и Фијат Цаноски беа поддржувачи на политиката на ВМРО-ДПМНЕ. Сефер беше и на мојата свадба. Последен пат со него се видовме во училиштето каде ни учат децата. Нивниот стил на функционирање е да се приклучат на владејачката гарнитура, да комуницираат со политичари. Еднаш тоа го правеа со ВМРО, сега со СДСМ. Тие сакаат да имаат блиски релации со јавни личности - додаде Јанакиески.

8277

Магарето замина, сега се удира по самарот, рече поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески во својата одбрана денеска пред судот во случајот ТНТ кој го покрена СЈО поради уривањето на комплексот „Космос“, сопственост на бизнисменот Фијат Цаноски.

Тој рече дека Фиjат Цаноски имал интензивна комуникација од април 2010 до август 2011 година со првообвинетиот, Никола Груевски, кој како што додаде, за жал денеска не бил во судницата.

– Во тој период Фиjат Цаноски има интензивна комуникација со Никола Груевски. Тој ја знае вистината за случајот. Сакам да го прашам Фиjат и за односите со Сашо Мијалков, Муса Џафери, со Али Ахмети, да каже кој што му ветувал. Јас не сум ветувал дека ќе му дозволам да гради спротивно на Законот за градење. Едно ливче немам потпишано. Не може Миле да е кабает, затоа што сме прислушувани 24 часа јас и мојата жена и затоа што Миле кревал телефон – рече Јанакиески според кого објектот „Космос“ бил дивоградба и дека не бил урнат од било какви негови други интереси.

Обвинетиот поранешен министер потсети дека и во минатото рочиште барал Фијат Цаноски и син му Сефер да бидат сведоци во ТНТ затоа што „ја знае правата вистина, не само за рушењето на „Космос“, туку за се од почеток до крај“.

– Не сум сакал никогаш да го урнам „Космос“ поради мои бизнис интереси или политичка одмазда. Сефер и Фијат Цаноски беа поддржувачи на политиката на ВМРО-ДПМНЕ. Сефер беше и на мојата свадба. Последен пат со него се видовме во училиштето каде ни учат децата. Нивниот стил на функционирање е да се приклучат на владејачката гарнитура, да комуницираат со политичари. Еднаш тоа го правеа со ВМРО, сега со СДСМ. Тие сакаат да имаат блиски релации со јавни личности – додаде Јанакиески.

Тој рече дека најмногу бил навреден кога Цаноски рекол дека Миле сакал да го урива „Космос“ поради негови бизнис интереси.

Јанакиески се пожали дека е омилен лик на СЈО, на ОЈО и на други институции кои го гонат, откако како што се изрази „магарето замина, па се удира по саморот“, но дека ќе докаже дека тој не го урнал објектот на Цаноски поради одмазда, како што го терети СЈО, објектот бил урнат затоа што бил дивоградба.

Јанакиески рече дека сите документи што тој ги потпишувал додека бил министер за транспорт и врски, претходно ги прегледувале стручни лица.

– Инсистирав да бидат прегледани и парафирани од две лица, пред да ги потпишам – рече поранешниот министер.

Адвокатот Еленко Малинов го праша Јанакиески, дали Министерството за транспорт и врски имало надлежност за градби на терен и ако имало за кој тип градби станува збор и дали постои таков орган. Јанакиески одговори дека имало три инспекторати, а адвокатот го праша дали Градежниот инспекторат кој е важен во овој случај имал одговорност и пред кого, обвинетиот одговори дека инспекторатот за своето работење  одговарал пред владата.

Тој објасни дека во надлежност на инспекторатот била и контролата на градби од прва категорија, а работеле според свои програми за кои немал надлежност министерот за транспорт и врски да им ги одобрува.

Јанакиески потсети на случај од 2011 година кога Државниот градежен инспектор утврдил определени аномалии на терен во повеќе општини и бил донесен заклучок за постапување кој требало да го спроведат општините.

– Се сеќавам дека директорот на инспекторатот одговараше пред владата затоа што општините не постапиле по заклучокот и за три четири општини предложи да им се одземат ингеренциите. Тогаш, се сеќавам дека државниот градежен инспекторат имаше право за контрола на процесот на носење на ДУП и на други планови во надлежност на општините – одговори Јанакиески.

Обвинението на СЈО вели дека, во 2011 година со уривање на објектот „Космос“ обвинетите сториле кривично дело од политичка омраза насочена кон бизнисменот  Фијат Цаноски кој се сметало дека е политички противник на тогашната власт.

Во случајот се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, ексградоначалникот Тони Трајковски, како и Елизабета Најдовска, Насер Алев, Марика Зафировска и Александра Димитриева.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...