Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов експресно ја разреши денеска директорката на гимназијата „Никола Карев“ Горица Илиовска. Шилегов го потпишал решението за разрешување на директорката по објавената снимка каде што Илиоска им се заканува на насобраните ученици во холот на гимназијата да не излегуваат на протест против загадувањето и глобалното затоплување.
„Градот Скопје им укажува на сите раководители на своите институции дека во секојдневната работа треба да ги исполнуваат принципите според кои се избрани, како почитувањето на правото на слободно мислење, правото на протест и демократскиот натпревар на идеи. Оваа градска администрација стои зад сечие право на протест и слободно мислење и во неа нема место за закани кон средношколците и нивното демократско право на собир и протест. Правото на здрава животна средина е неприкосновено право, исто како и правото на протест. Битката против климатските промени и за чистиот воздух мора да биде заедничка, на институциите, но и на граѓаните“, се наведува во соопштението од град Скопје.
Скопските средношколците денеска ја бојкотираа наставата во повеќе училишта во градот, со намера да се приклучат на вечерашниот протест против загадувањето. Бојкот на наставата имало и во други градови во земјата. Средношколци со заштитни маски и транспаренти излегоа во училишните дворови со порака. „Нема воздух нема мир!“.
Меѓу оние кои денеска ја бојкотираа наставата беа и учениците од средното училиште „Никола Карев“, така што веќе разрешената директорка им се закани дека ќе сносат последници. Снимката со директорката беше објавена на социјалните мрежи. На сникмата, таа им вели на учениците: „Само вие протестирате и само тука нема настава. За последиците не ви гарантирам“.
По најавите за можни притисоци врз средношколците кои сакаат со бојкот или излегување на вечерашниот протест да ја изразат својата загриженост од загадениот воздух и климатските промени, од Младинскиот образовен форум ги повикаа средношколците да ги пријавуваат сите форми на закани.
Денеска во 17 часот, пред Министерството за животна средина, треба да почне упте еден протестен марш против загадувањето, во организација на „Зелен фронт“, „Зелена Револуција“, кои испорачаа 100 барања до владата за надминување на проблемот со загадувањето.