Владата никогаш не барала одложување на објавувањето на мислењето на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
– Тамам работа. Јас сум Зоран Заев кој го бранеше овој Закон уште кога албанските политичари и албанските политички партии беа поприлично резервирани, не знаејќи што ќе се случува околу самото законско решение. Ние треба да бидеме чесно, искрено и отворено поставени пред сите прашања, па и пред вака сериозни – нагласи Заев.
Тој потенцира дека Венецијанската комисија на пластичен и на едноставно разбирлив начин ги дава своите аргументи и ги поздравила преземените чекори кои се дури и поголеми од европските вредности, но ни препорачува да внимаваме, бидејќи немаме „капацитетност“, што може да уништи многу други исто така важни, па дури и поважни права, како што е правото на правда.
– Јас верувам дека Законот ќе има полн капацитет во својата имплементација. Неговата примена е ставена во сила, никој не загубил ништо, добиваат само уставно право кое што претходно не им беше овозможено и на Албанците и на помалкубројните заедници – истакна Заев.
Тој нагласи дека верува оти ако сме Европејци на крајот европски ќе овозможиме целосна практична примена на овој закон, онака како што заслужуваат граѓаните на државата.