Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски на прес конференција најави дека ќе се види на суд со премиерот Зоран Заев, зашто тој покренал тужба за клевета против него. Николовски е тужен бидејќи пред четири месеци изјавил дека од страна на власта се рекетирани повеќе бизнисмени, а вкупната сума за рекет е над 20 милиони евра. Заев бара отштета од 60 илјади денари.
– Премиерот Зоран Заев поднесе тужба за клевета против мене за политичка изјава во којашто кажувам дека се изрекетирани преку 20 милиони евра и дека тој е на врвот на пирамидата. За иронијата да биде поголема барањето за тужба е испратено од неговиот скап адвокат Филип Медарски кој е познат по непотизмот во судството и во обвинителството. Целта на власта е сега јас јавно да се извинам, да се уплашам и да се повлечам. Бара да му исплатам 60.000 денари оштета, како и да му го платам скапиот адвокат. Бара 60.000 денари оштета затоа што брат му Вице е исто така во тужба за клевета, не успеа да добие од мене 30.000 денари оштета, па сега веројатно по принципот евро за евро бара 60.000 денари оштета за да можат со брат му да поделат по 30.000 денари – рече Николовски.
Тој додаде дека не планира да се извини
– Тужбата на Зоран Заев не е за докажување на вистината туку за дефокусирање на вистинското прашање во овој случај, а тоа е каде завршија парите на „Рекет“. Ќе одиме на суд со задоволство секој со својата страна, кажав Заев со најскапиот адвокат, а јас сам и ќе ја докажуваме вистината – рече Николовски.