Градот Скопје ја продолжува кампањата за пријавување огнови на отворено на бесплатната телефонска линија 193. Во акцијата се вклучени инспекторатот на Градот и Територијалната единица за противпожарна заштита. Тие заедно со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст имаат мешани тимови кои работат 24 часа секој ден.
Од Градот велат дека најчесо огнови на отворено палат несовесни граѓани и бездомниците.
– Ги повикуваме граѓаните активно да се вклучат во оваа борба и сите случаи на палење огнови на отворено да ги пријават на телефонскиот број 193. Дежурните екипи ќе ги процесираат сите пријави, односно огновите ќе бидат изгаснати, а нашите сограѓани кои ги палат тие огнови заради затоплување ќе бидат упатени и сместени во згрижувачките центри. Затоа, наместо да објавуваат на Фејсбук или на другите социјални мрежи, ги повикувам сите граѓани овие случаи да ги пријавуваат исклучиво на 193 – вели Ваљон Салиху.
Акцијата за пријавување оган на отворено се реализира трета година.
Досега, според податоците на Град Скопје на бројот 193 се пријавени 273 огнови на отворено.