Годинава нема да се додели државната награда „Мито Хаџи Василев -Јасмин”, бидејќи ниту еден од кандидатите не го добил потребниот број гласови. Годинава беше златен јубилеј на наградата која се доделува од 1969 година, за остварувања во областа на публицистиката и новинарството. Наградата се доделува на 21 декември – денот на раѓање на Мито Хаџи Василев -Јасмин, политичар и новинар, кој во своето време бил сметан за прво перо на македонските новинарство и публицистика.
Како што информира Министерството за култура, Одборот за доделување на наградата „Мито Хаџи Василев – Јасмин”, во согласност со Законот за државните награди, на седницата одржана на 26 ноември годинава, донел одлука државната награда годинава да не се додели на ниту еден од пријавените кандидати.
„Одборот одлучи како во точка 1 од оваа Одлука со оглед на тоа што ниту еден од кандидатите не го доби потребното мнозинство гласови за добитник на државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за 2019 година.Оваа Oдлука влегува во сила од денот на донесувањето, а ќе биде објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија”, се вели во соопштението.