Двојно покусо обраќање, поисполнета сала и поконструктивна атмосфра во салата…се некои од деталите што го следеа првото годишно обраќање пред парламентот на претседателот Стево Пендаровски. Тој се обрати пред пратениците седум месеци откако ја презема претседателската функција, при што очигледни се разликте – посебно во споредба со последното обраќање на неговиот претходник Ѓорге Иванов, минатата година во ова време.
За разлика од Иванов, кој до крајот на последниот мандат беше бојкотиран од владејачката ДУИ, а СДСМ почна да присуствува на неговите обраќања откако ја презема власта, говорот на Пендаровски го следеа претставници на сите парламентарни партии. Првото обраќање на петтиот шеф на државата беше невообичаено кусо, поточно сублимирано на седум страници, за разлика од Иванов кој практикуваше подолги говори во Собранието, така што во 2018 година неговото обраќање беше на 13 страници.
Во првиот дел од своето обраќање, Пендаровски посебно се осврна на политичките промени по смената на власта во 2017 година, на договорите со Грција и Бугарија, на состојбите во правосудството, како и на забелешките на Венецијанската комисија. Тој ја пофали актуелната влада за деблокадата на евроинтеграциските процеси на државата, ама посочи дека не се исполнети очекувањата на мнозинството граѓани во однос на владеењето на правото и воспоставувањето на стандардите на правната држава.
Потоа Пендаровски говореше и за загадувањето на животната средина, во контекст на очекуваниот почеток на преговорите со ЕУ.
-Експертите се едногласни дека последните години, освен за поглавјето 23 – за владеење на правото, преговорите со ЕУ за поглавјето 27 – заштита на човековата средина, се најтешки и најскапи за земјите-кандидати. Мене ми е одамна јасно дека ниту една влада, ниту една локална власт не може самостојно да го реши овој проблем во само еден мандат. Затоа предлагам тоа прашање да го извадиме од дневната политика и да се зафатиме со носење на натпартиска државна стратегија за ублажување на негативните ефекти од оваа појава која сериозно ги нарушува потенцијалите на нацијата – рече Пендаровски.
Претседателот се осврна и на пописот и на иселувањето од државата, посочувајќи дека тоа се теми што исто така треба да се стават надвор од изборните дебати и меѓупартиски расправии.
-Иселувањето е една од најголемите закани за безбедноста и иднината на земјата затоа што го намалува биолошкиот супстрат на нацијата од која директно зависи нашиот опстанок и просперитет во сите витални сектори на општеството. Магична формула и брзи решенија за овој проблем до сега не се пронајдени ниту во најразвиените делови од светот. Во исто време, наивно и опасно е ако некој верува дека може да оди наспроти логиката на глобализацијата и да заговара затворање во националните граници. Сепак, ги повикувам релевантните политички субјекти, да седнеме заедно и да донесеме натпартиска стратегија, барем за ублажување на последиците од оваа голгота на нашиот народ – рече Пендаровски.
Како трет предлог за креирање консензус за државните политики и приоритети ја посочи дигитализацијата, за што нагласи дека неодамна формирал управен одбор и работни комисии за проектот наречен МКД 2030, кој до јуни догодина треба да ја претстави стратешката рамка за развој на државата во следните 10 години.
-Дигитализацијата ќе биде утврдена како една од приоритетните области за развојот на државата, бидејќи мојата замисла е дека нашата ‘четврта република’, ако сака да биде успешна ќе мора да биде дигитализирана – рече шефот на државата.
Тој го заврши своето обраќање со апел до пратениците дека престојните предвремени парламентарни избори не смеат да бидат под нивото на годинешниве претседаелски избори.
-Во контекст на евроинтеграциите, оценката од Брисел е дека ние, досега, направивме се што беше потребно за почнување на преговорите. Но со оглед на тоа дека политичката одлука за тоа ќе се носи напролет, исклучително е важно да организираме фер и демократски избори. Претстојните парламентарни избори, едноставно, не смеат да бидат под нивото на претседателските и тоа според двете суштински компоненти: прво, демократски амбиент со слободни медиуми и вработени во админстрацијата ослободени од притисоци и второ, политичка реторика и култура која го почитува противникот и ја честита победата на крајот на изборниот ден. најважно е да не заборавиме дека по изборите и по завршувањето на мандатот ќе треба повторно да се погледнеме во очи, и затоа треба да го чуваме образот и да останеме луѓе до крај – истакна Пендаровски.