Советот на Општина Карпош ја изласаа предлог-одлуката за давање на согласност за распишување на јавен оглас и спроведување постапка за одобрување субвенции на жителите на Општина Карпош за купување на нови велосипеди. Локалната самоуправа ќе субвенционира со максимален износ од 3.000 денари за купување на нови велосипеди по принципот „прв пријавен, прв услужен“.
Како што истакна и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, до сега има голем интерес за оваа субвенционирана помош, а на овој начин ќе се поттикне користењето на велосипед од карпошани, а со тоа и ќе се придонесе за заштита на животната средина.
Одлуката која беше донесена на денешната седница на Советот ќе важи од 26 април годинава.
На седницата се изгласа одлуката за бесплатни ужинки за учениците од прво до петто одделение за учебната 2017/2018, како и за учебната 2018/2019 година, и бесплатен излет за учениците од прво до седмо одделение за учебната 2017/2018 година, и од прво до осмо одделение за 2018/2019 година. Советот ја изгласа и одлуката за доделување на финансиски средства – награди на 10 ученици полуматуранти, првенци на генерацијата во основните општински училишта кои се наоѓаат на територијата на Општина Карпош.
Советниците ја изгласаа одлуката за финансиска поддршка на спортски клубови од подрачјето на Општина Карпош за 2018 година, и ги одобрија годишните планови за вработување за 2019 година во четирите детски градинки во Карпош: „Мајски цвет“, „Распеана младост“, „ Орце Николов“, и „ Пролет“. Освен во градинките, на седницата помина и предлог одлуките за давање на согласност на Годишен план за вработување во 2019 година во основите општински училишта: „Владо Тасевски“, „Петар Поп Арсов“, „Јан Амос Коменски“, „Димо Хаџи-Димов“, „Аврам Писевски“, „Христијан Тодоровски- Карпош“, „Војдан Чернодрински“, „Братство“, „Вера Циривири –Трена“, како и за училиштето „Лазо Трповски“.
Одделение за односи со јавноста
ОПШТИНА КАРПОШ