Мојата цел е да бидам претседател на сите граѓани, а не партиски послушник или апологет на некој транзициски олигарх, порача претседателот Стево Пендаровски во почетокот на неговото годишно обраќање пред пратениците.
Тој оцени дека во изминатите години драматично се продлабочија поделбите во општеството по сите основи, потенцирајќи дека ќе инсистира на обединување околу неколку стратешки прашања.
– Првата средба на партиските лидери што ја организирав по самитот на ЕУ, без посредување од меѓународни фактори, покажа дека поседуваме доволно потенцијал да се обединиме за клучни прашања – рече Пендаровски, посочувајќи дека во последните години, со политички консензус, беа донесени и дел од реформските закони во правосудството и во безбедносниот сектор.
Најави дека во наредниот период ќе организира серија средби со навивачки групи, во кои ќе бидат вклучени и учесници во конфликтот во 2001 година, кои во тоа време беа на различни страни.
-Се додека ги дискриминираме различните од нас, нема простор за прогрес во општеството. Против предрсаудiте и стереотипите треба да се бориме сите, ама најодговорни за тоа се избраните и именувани функционери -рече Пендаровски.
За Законот за јазици, по мислењето на Венецијанската комисија, претседателот оцени дека оваа регулатива не е спротивна на Уставот, ниту, пак, е проблем што им дава повеќе права на Албанците. Забелешките на врвните европски правници, како што нагласи, се однесуваат на тоа дека нашата држава моментно не поседува доволно ресурси и капацитети за да ги имплементира новите законски норми.
-Ниту една држава не се распаднала затоа што им дала повеќе права на своите граѓани во однос на користењето на јазикот. Но треба да се создададт услови овие норми да заживеат – рече шефот на државата.
Тој упати и порака до идната влада, која ќе биде избрана на изборите на 12 април, посочувајќи дека во изминатите 2,5 години е постигнат огромен прогрес во надминување на синдромот на „заробена држава“ и дека институциите се обновени. Сепак, рече, голем дел од граѓаните сметаат дека тоа не е доволно.
-За многу судски случаи досега не видовме завршница, а некои застареа. Врв на лошите состојби во правосудниот систем е аферата „Рекет“, а креаторот на режимот избега од правдата. Ниту еден висок политичар или бизнисмен не заврши зад решетки, а требаше повеќе. Затоа на следната власт би ѝ порачал дека треба да се направи прочистување кај судиите и кај обвинителите, но и кај нас политичарите – рече Пендаровски.
Тој посочи дека владата која беше избрана летото 2017 година презема храбри политички чекори, нагласувајќи ги договорите со Бугарија и Грција.
-Компромисите се тешки, но без нив ќе беше уште потешко. Вредноста на договорите е што ја отворивме вратата на евроинтеграциските процеси. Сега имаме две обврски: да ги почитуваме договорите и да инсистираме на доследна имплементација – истакна Пендаровски.
Тој рече дека добрососедските односи се еден од приоритетите, ама дека регионалните инцијативи не се замена за нашите евроатлантски интеграции, туку метод за нивно забрзување. За разговорите Белград – Приштина посочи дека решението за Косово треба да придонесе и да ја зајакне меѓународната и регионалната безбедност, затоа што стабилноста на балканските држави е испреплетена.
Ова е прво годишно обраќање на Пендаровски откако на 12 мај годинава ја презема претседателската функција. Неговиот говор во собраниската салата го следеа претставници на сите пратенички групи.