Од март годинава, до оваа моја посета денеска, имало дури 5 посети на македонски и на чешки највисоки претставници на двете земји во Северна Македонија и во Република Чешка. Тоа доволно силно зборува за одличните политички односи, пријателски врски меѓу нашите две земји, со овие зборови се обрати Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на почетокот на заедничката прес конференција со премиерот на Чешката Република Андреј Бабиш, во рамките на официјалната посета на македонска владина делегација на оваа земја.
Не прес конференцијата, премиерот Заев, придружуван од Бујар Османи, заменик претседател на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, и Зоран Попов, државен секретар при Министерството за надворешни работи, истакна дека Северна Македонија и Чешка одбележаа 25-години од воспоставувањето дипломатски односи со постигната прогресивна економска и секторски широко распространета соработка.
„Силни се тие врски, и за двете земји се обврска за одржување и продлабочување на взаемните односи со политички дијалог на највисоко ниво. Чешка еден од најважните и постојани поддржувачи на нашата интеграција во ЕУ и НАТО. Ние високо ја цениме силната и гласната поддршка на сите нивоа“, рече на прес конференцијата претседателот на Владата Заев, и додаде дека пријателските и взаемно поддржувачки односи се силни и на мултилатерален план, и дека за нашата земја е од исклучително значење што Чешката Република, како претседавач на Вишеградската група организираше Самит на премиерите на земјите од Вишеград и од Западен Балкан.
Чешка, заедно со Австрија и Италија, беше земја лидер и иницијатор зад кои застанаа 15 земји членки на ЕУ и со писмо до Европската Комисија упатија повик за подобрување на ефикасноста на процесот на пристапување, во еден исклучително момент кога на Северна Македонија и беше најпотребна една ваква поддршка.
„Тоа само неколку од големите пријателски гестови на Чешка кон Северна Македонија. Ние сме охрабрени со континуираните заложби да се задржи прашањето за проширување видливо и високо на агендата на ЕУ по октомврискиот совет на ЕУ. Искрено се надеваме дека овој притисок ќе даде резултати, и дека многу бргу во претстојниот период ќе пристигне одлуката за почеток на преговорите за пристапување на нашата земја во ЕУ“, потенцираше премиерот Заев на прес конференцијата со чешкиот премиер Бабиш.
Чешка и Северна Македонија имаат одлична соработка на јужна граница на нашата земја во процесот на мониторинг и контрола на мигрантските движења, и од голема поддршка во справувањето со кризата со бегалците и миграциите е финансиската и материјална помош што Чешка и ја испорача на Северна Македонија, односно на нашето Министерството за внатрешни работи.
Премиерот Заев пред претставниците на медиумите во Прага рече дека сега е време двете земји да се посветат економската соработка, особено во делот на зајакнување на трговската размена, и во интензивирањето на инвестициска соработка.
„Мешовитиот комитет за економска соработка ги утврди главните области што можат да ја подобрат меѓусебната трговска размена и економската соработка. Сега треба ние, политичките лидери на двете земји да ги ја поттикнеме соработката во енергетскиот сектор, во делот на обновливите извори на енергија, во автомобилската индустрија, во туризмот. Многу ме радува што деновиве ги привршуваме договорите со компанијата „LOKOTRANS“ за инвестиција во областа на железничката инфраструктура со вкупна вредност од 20 милиони евра. Компанијата има намера да инвестира во Регионален центар за логистика и дистрибуција, со седиште во Скопје, во главниот град на нашата земја, а операциите да ги изведува за целиот регион на Западен Балкан“, рече премиерот Заев.
Во завршницата на својата изјава за медиумите тој истакна дека постои голем интерес за стипендиите за високо образование што ги доделува Владата на Чешката Република, и дека зголемувањето на нивниот број ќе го зајакне пријателството меѓу двете земји.
Премиерот на Чешка Република Андреј Бабиш, во своето обраќање за добредојде на делегацијата на нашата земја го истакна силното партнерство што Северна Македонија го покажа во однос на ЕУ во 2015 година за време на мигрантската криза и нагласи дека Чешка ќе ја продолжи поддршката европските аспирации за кои земјата ги исполни сите услови за да ги започне преговорите, особено со договорите со Бугарија и Грција.
Премиерот Бабиш уште нагласи дека Чешка продолжува да инсистира ова прашање да заврши со позитивен исход до март идната година, и дека неговата земја ќе ја зајакне економската соработка со Северна Македонија, како со земја партнер и сојузник во НАТО.