Кошаркарската федерација на Северна Македонија (КФСМ) ќе добие 6.150.000 денари од Државната видеолотарија во вид на донација и спонзорство.
– Големо е задоволството да се има партнер како Државна видео лотарија. Компанијата прва застана зад нас со добра сума пари кои ќе бидат поделени на сите репрезентации, а најмногу на сениорската – изјави на заедничката прес-конференција Перо Антиќ, претседателот на КФСМ.
Дел од парите ќе бидат спонзорство дел ќе бидат донација, објавија партнерите на нашата федерација.
– Во нашите заложби за унапредување на спортот, пронајдовме простор за една убава соработка со КФСМ. Државна видеолотарија станува силен поддржувач на националните А селекции во кошарка, нашите најважни претставници на меѓународната сцена. Со донација од 5.535.000 денари и спонзорство од 615.000 денари, ние јасно ја поддржуваме визијата на КФСМ, овозможувајќи им на кошаркарите прецизно да нишанат кон кошот додека ги бранат репрезентативните бои на нашата земја – рече Виолета Чадиковска од Државна видеолотарија.
КФСМ му се заблагодари на новиот партнер за финансиската помош и идната соработка.
– Најдовме партнер кој ги препозна заедничките цели и се надевам дека соработката ќе продолжи уште долги години. Дел од парите се ваучер систем, а дел се од спонзорство – потенцираше генералниот секретар на КФСМ, Владимир Георгиевски.