Во овој период од годината, маглaта рано наутро и ноќе е сосема нормална и очекувана појава. Она што загрижува е фактот дека маглата може да биде многу сериозен извор на опасности во сообраќајот доколку возачите не го прилагодат своето однесување во сообраќајот согласно временските услови, односно согласно условите на патот.
Маглата го намалува видното поле на возачот, ја намалува ориентацијата во просторот и доведува до погрешна проценка за растојанието помеѓу возилата. Неретко, маглата и слабата видливост се причина за предизвикување на верижна сообраќајна незгода во која учествуваат голем број возила, голем број возачи, а последиците може да бидат и катастрофални.
Со цел превенција од несакани ситуации, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со совети до возачите како да се однесуваат во услови на магла и намалена видливост:
– Почитувањето на правилата за ограничување на брзината во услови на магла и намалена видливост е од особена важност. Секој возач мора да ја прилагоди односно намали брзината согласно видливоста и условите на патот.
– Во услови на магла, возачот задолжително треба да држи безбедно растојание и да биде подготвен за запирање на возилото во случај на потреба.
– Возачот на моторно возило, во услови на магла, задолжително треба да ги има запалено соборените светла за осветлување на патот или светлата за магла или двете светла истовремено.
– Светлата за магла можат да се употребуваат само во услови на магла или во случај на намалена видливост („намалена видливост“ постои ако заради неповолни атмосферски или други временски прилики – магла, снег, дожд, прав, чад и слично, возачот не може јасно да ги воочи другите учесници во сообраќајот на оддалеченост од најмалку 200 m на пат надвор од населено место, односно од најмалку 100 м на пат во населено место;)
– На јавен пат, во услови на намалена видливост (густа магла, чад и слично) возачот е должен да ги вклучи покажувачите на правци (четирите трепкачи) на возилото.
– Избегнувајте да престигнувате и да запирате на отворен пат, во услови на намалена видливост и магла. Ако запирањето е неопходно, поставете соодветна сигнализација за одбележување на возилото. Сигнализацијата поставете ја на поголемо растојание од она на кое би ја поставиле во нормални услови и вклучете четири трепкачи.
– Нагло свртување, нагла промена на правецот на движење, нагло запирање или нагло забрзување на возилото во услови на магла и намалена видливост е исклучително ризично и опасно. Кога има магла, најдобро е да се вози внимателно, со предвидливи дејствија и со константна брзина прилагодена на условите на патот.
– Никогаш не го паркирајте возилото на пат, особено не во услови на магла и намалена видливост.
– Кога има магла или слаба видливост се препорачува да возете блиску до десниот раб од коловозот.
– За младите и неискусни возачи, односно за возачите почетници се препорачува дополнителна обука за возење во услови на магла и слаба видливост. Дополнителната обука може да се организира со возач инструктор или со искусен возач од кругот на семејството и пријателите.
Возењето е сериозна „мултитаскинг“ активност која бара знаење, вештини, карактер, но и концентрација и посветеност. Возењето во услови на магла е дополнително отежната мултитаскинг“ активност.
Затоа РСБСП апелира: Во услови на магла и намалена видливост, почитувајте ги горенаведените совети, бидете внимателни и концентрирани, прилагодете го однесување во сообраќајот согласно временските услови, односно согласно условите на патот.