Максим Ацевски, дипломираниот економист од Велес, ревизорот со 18-годишно искуство во Државниот завод за ревизија, е заедничко решение на власта и опозицијата за прв човек на оваа институција, која минатата недела по речиси две години доби главен државен ревизор.
Откако Ацевски беше предложен во матичната собраниска Комисија за избори и именувања минатата недела со 81 глас „за“ беше избран и на пленарна седница.
Од вкупниот број предмети на ревизија 54, само 11 се комплетно завршени, а 12 се уште во тек и треба да завршат до 31 декември. Останатата 31 ревизија биле спроведени, но постапката не можеше да биде завршена затоа што до именувањето на Ацевски немаше немаше одговорно лице за да стави потпис.
Тој е оптимист дека ќе ја завршат работата, а во интервјуто за МИА вели дека не е ништо страшно дел од поставените задачи да се префрлат и во првите две недели од следната година.
Ќе работи и на зголемување на капацитетите на институцијата, со оглед на тоа што имаат недостиг на кадар, а пред се и поради можноста со измените на Изборниот законик ревизорите да добијат дополнителни задачи во однос на ревидирањето на политичките партии.
Тој се надева на плодна соработка со другите надлежни органи, бидејќи, како што вели, се добива впечаток дека тие само ги проследуваат, а во суштина нема завршница по самите ревизорски извештаи.
– Согласно актот за организација и правилникот на систематизација на вработените во Државниот завод за ревизија се планирани 145 работни места. Во овој момент на располагање имаме 80 ревизори, меѓутоа од страна на ДЗР државата очекува многу повеќе. Согласно програмата за реформа на јавните финансии, 2018-2021 година поставени се одредени таргети, кои во суштина ги бара и меѓународната заедница за процентна опфатеност на јавните средства, кои треба да бидат предмет на ревизија од една страна, но од друга страна во саматата постапка од надлежното министерство, од Министерството за правда се подготвуваат одредени измени на Изборниот законик, со кои во суштина дополнително се доделуваат надлежности на Државната ревизија – вели Ацевски.