Стартува проектот „Климатски пријателски здравствени институции“ за двете здравствени установи во Штип и бугарската општина Гоце Делчев.
На денешната прес-конференција на којашто присуствуваа и градоначалниците на двете општини беше истакнато дека средствата за реконструкција на Инфективното одделение во Клиничка болница-Штип и на Клиниката за интерна медицина во Гоце Делчев се обезбедени преку Програмата за меѓугранична соработка Бугарија-Северна Македонија.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев истакна дека се работи за прва фаза од реконструкција на Инфективното одделение, кое е од регионален карактер.
– Инфективното одделение ќе добие нова фасада и нови прозорци, со овој мал чекор се приклучуваме на светските трендови на сите оние влијанија кои ги има природата и климатските промени. Ние овде на микро ниво да направиме еден мал чекор, прво за природата, а потоа и за самите нас, рече Ѓеорѓијев.
Завршена е тендерската постапка и веќе е избран конзорциум „Клима“ од четири фирми, коишто ќе работат на реконструкцијата на Инфективното одделение, кое останува посебно од новиот објект на Клиничка болница-Штип. Рокот за реализација е две години, преку ИПА фондовите се обезбедуваат 170.000 евра, а дополнително треба да се обезбедат средства за кофинасирање. Се вкупно проектот за македонска страна треба да чини 203.000 евра.
Директорот на болницата во Гоце Делчев, Р Бугарија, Владислав Левинов вели дека ова е прекрасен проект за двете страни, а во текот на изминатите години низата на реконструкции, кои ги реализирале се токму преку вакви европски проекти.
-Ние ќе имаме одлична реконструкција на Клиниката за интерна медицина. Проектот е голем, а нашиот буџет е малку помал од бугарската страна. Станува збор за околу 150.000 евра, вели Левинов.
На денешната заедничка прес-коференција се обратија и градоначалниците на општините Штип и Гоце Делчев. Општина Гоце Делчев е водечки партнер додека Кlиничка болница-Штип е проектен партнер два, која техничка поддршка доби од Центарот за развој на Источно планскиот регион.