Координативното тело на ниво на Влада активира какви било мерки против загадувањето. Досега немаме вредности на загадувањето кои би биле задолжителни за активирање на таквиот тип мерки, изјави денеска градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.
– Годинава, за среќа, немаме вредности над 100 мг на кубен метар, во споредба со минатите пет години. Годинава за наша среќа имаме најдобри резултати, во смисла на најмал број на загадени денови. Загадувањето е феномен или проблем што нема да ни исчезне преку ноќ, меѓутоа ќе се манифестира во намален број загадени денови. Тоа е нешто што и минатата и во текот на оваа година го имаме. Тоа не значи дека не постои, но значи дека вредностите паѓаат – додаде Шилегов.
Тој посочи дека се уште е во почетна фаза имплементацијата на стратешките мерки, кои покажуваат дека даваат резултати.
– Тоа не значи дека сме излезени од проблемот, меѓутоа значи дека со овие мерки, една по една, чекор по чекор, како чистење оџаци, инвертори, пелети, нови автобуси…, постепено ќе дојдеме до саканата цел, а тоа е во Скопје да имаме што е можно почист амбиентален воздух – рече Шилегов.
На изјавата на скопскиот градоначалник реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, со оценка дека зимата уште не е почната, а градот веќе руши рекорди во аерозагадувањето.
„Шилегов е две ипол години градоначалник, а нема ниту еден проект за намалување на загадувањето, напротив тоа расте. Со Шилегов на чело, Скопје стана најзагаден град во светот.Две ипол години поминаа од мандатот на Шилегов, а скопјани не видеа ниту еден негов проект од областа на животната средина“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Стагнира или галопира загадувањето на воздухот во Скопје
Годинава имаме најдобри резултати, во смисла на најмал број загадени денови, оценува скопскиот градоначалник, наспроти ВМРО-ДПМНЕ од каде што предупредуваат дека градот веќе руши рекорди во аерозагадувањето
loading...