Најголемите партии на косовките Албанци, како од власта така и од опозицијата, бараат од премиерот на Албанија Еди Рама да го откаже самитот на Албанија, Северна Македонија и Србија, што треба да се одржи во Драч, во рамките на инцијативата за создавањето на таканаречениот „мини-Шенген“, односно на зона за слободно движење на капитал и луѓе меѓу земјите од регионот, јави МИА од Приштина.
Меѓу причините поради кои косовските партии бараат од официјална Тирана да заземе „нов став кон Србија“, е негирањето на официјален Белград, на чело со српскиот претседател Александар Вучиќ, на злосторствата што српските воени, полициски и паравоени сили ги извршиле за време на војната во Косово во 1998-99 година, објави новинската агенција КосоваПрес.
Партиите победнички на октомвриските парламентарни избори, досега опозициските Движење Самоопределување (ВВ) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), како и оние кои ја изгубија власта и преминуваат во опозиција, Демократската партија на Косово (ПДК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК), се едногласни во ставот дека не може да се разговара за регионална соработка со една држава која ги негира злосторствата што ги извршила во последните војни во регионот.
Членката на Претседателството на ВВ Албулена Хаџиу изјави за КосоваПрес дека не треба да се зборува за средби со претставници на Србија, „се додека нејзините челници отворено го негираат геноцидот“ што нивната држава го изврши во Косово.
– Овој процес ќе биде целосно во служба на Србија, а не на другите држави кои претендираат дека имаат интерес. Затоа Албанија би требало да ја гледа Србија со очите на Косово, онака како што ја гледаат косовските граѓани. Ние сме имале контакти (со Албанија) и сме им кажале дека Србија треба да се казни за злоделата во Косово (…) Ние сме против такви средби на кои не е присутно Косово и против средбите на кои се разговара со еден претседател кој ги негира злосторствата кои се извршија во Косово, изјави Хаџиу.
Против таквата регионална соработка е и членот на раководството и пратеник на ЛДК, Антон Ќуни, кој вели дека претходно Србија треба да се соочи со сопственото минато.
– За каква соработка и за каков мини-Шенген може да разговараме со една држава која ги негира сопствените злосторства, држава која продолжува да не ги враќа телата на убиените и која не побара извинување и никогаш не се покаја за сите тие убиства, масакри и прогони кои ги изврши во нашата земја? Мислам дека Србија првин треба да се соочи со сопственото криминално минато, што би ѝ помогнало во прв ред на неа самата, како и на мирот и просперитетот на целиот регион, изјави Ќуни за приштинската агенција.
И поранешниот шеф на пратеничката група и новоизбран пратеник на ПДК, Мемли Красниќи смета дека самитот во Драч треба да се одложи, а Тирана да го смени односот кон Србија, која не дозволува напредок во регионалните односи со негирањето на своите злосторства.
– Таквото еклатантно негирање на геноцидот извршен од страна на Србија во Косово, а посебно на масакрот во Рачак, е не само неприфатливо, туку и казниво. Во тие рамки мислам дека несомнено институциите во Косово, но и другите земји, пред се Албанија, треба да го третираат тоа прашање многу посериозно. Потребен е поинаков пристап во односите со Србија. Без оглед на потребата од унапредување на односите на регионално ниво, ние не можеме да се фокусираме на овој дел од регионалниот развој и соработка, а да го оставиме настрана криминалниот историски ревизионизам што го промовира претседателот на Србија Вучиќ и другите, изјави Красниќи, додавајќи дека „без да го промени односот српската држава нема простор за напредок“.
Потпретседателот на ААК Ардиан Геци бара од сите држави пријателки на Косово да реагираат на негирањето на масакрот во Рачак во 1999 година и смета дека, додека не престане таквото однесување на Белград, треба да се прекине секоја соработка со српската страна.
– Таквото негирање на најтешките злосторства што се случија во Косово е потврда дека имаме работа со еден сосед кој нема намера да види што се случувало во минатото. Тоа не е негирање на минатото заради тоа што се случило во минатото, туку е негирање на минатото заради тоа што може да се случи и во иднина. Тоа е тешко, многу болно и непростиво, изјави Геци за КосоваПрес.
Активностите за формирање на таканаречениот „мини-Шенген“ започнаа во октомври годинава, со средбата во Нови Сад во Србија на премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ. Во ноември се одржа втората средба на тројцата лидери во Охрид, а за 21 декември е најавен самит во албанскиот пристаништен град Драч