Преговорите за Изборниот законик практично влегоа во ќор сокак. Но, по вина на власта којашто на подмолен и недемократски начин, сака да протурка решенија во парламентот без претходна дебата и без спротивставување на аргументите, рече на прес-конференција Александар Николовски потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
– Заев и СДСМ не се искрени кога вината ја насочуваат кон опозицијата, затоа што нивното коцкање со државата ја носи државата во слепа улица. Ваквото барање само го зголемува сомнежот дека за таквите измени стои стравот од пораз на изборите коишто доаѓаат и мотивите да се злоупотреби изборниот процес, со цел да се фалсификува волјата на граѓаните. Не се случило до сега да се менува изборен модел без консензус, не се случило до сега да се менува изборен модел без да учествуваат сите политички во дискусијата за истиот или барем најголемите – рече Николовски.
Според него, изминатите неколку месеци имало интензивна комуникација на неформално ниво помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и било договорено да се најде консензус за изборниот модел, како и имплементација на препораките на ОБСЕ и ОДИХР.
– Беше постигнат напредок на почетокот на оваа недела, и напредокот се однесуваше на тоа дека и покрај тоа што СДСМ поднесе законски решенија во Собранието, истите да бидат преформулирани, во моментот кога ќе се постигне финално решение. Решението требаше да се однесува како што кажав на двете работи, изборен модел и имплементација на препораките на ОБСЕ и ОДИХР – вели Николовски.
Тој повтори дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е да не се брза и да се вклучи експертската јавност, да има јавна дебата на која ќе се искристализираат најдобрите решенија. ВМТО-ДПМНЕ најдобро решение е чистиот мнозински модел по примерот на Велика Британија, Канада и САД.
– Разговорите беа успешни до пред неколку дена и беше постигнат усмен договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Практично заедничкиот став требаше да даде позитивен импулс и ги содржеше следниве поенти коишто сакам да ги прочитам. Двете партии се согласија дека веднаш по завршувањето на парламентарните избори во 2020 година, ќе пристапат во интензивни преговори во насока на постигнување на таков консензус. И втора поента сите прашања во врска со модалитетите и имплементацијата ќе бидат дефинирани на експертско ниво. Сето ова падна во вода, кога СДСМ реши на сила, шверцерски и еднострано да ги турка нивните решенија низ собраниската процедура без консензус – рече Николовски.