Кацарска: Да ме прашаше Камчев, категорично ќе го советував да не дава пари

4972

Судијката Добрила Кацарска во интервју за „360 Степени“ на Алсат вели дека иако е премногу блиска со семејството Камчеви во ниту еден момент Орце Камчев не ѝ побарал правни совети поврзани со предметот „Империја“ или предметот „Рекет“.

– Верувам дека дел од јавноста нема да ми верува, но јас сум судија со долгогодишно судиско искуство и јас секогаш зборувам само со факти и ја зборувам вистината. Орце Камчев има тим од адвокати. Нема потреба мене да ме прашува. Втора работа – верувајте ми дека мене самите тие ме држат на страна и од предметот „Рекет“ и од предметот „Империја“. Не сакаат да ме поврзуваат мене со тие предмети. Значи, лично тие мене ме заштитуваат. Така да, во ниеден момент, ова го тврдам и каде сакате ќе го повторам – во ниту еден момент Орце Камчев не побарал од мене ниту еден правен совет – вели Кацарска.

Судијката рече дека не знаела за барањето и давањето пари, ниту било кои други случувања поврзани со Бојан Јовановски и Катица Јанева.

– Под полна морална, материјална, кривична одговорност, овде, пред цела македонска јавност тврдам дека во ниеден момент не само што Орце не ми спомнал, туку и неговата мајка Ратка којашто ми е премногу блиска, секојдневно се слушаме или се гледаме, не ми ни спомнале дека некој им бара пари. А ако мене ми кажеа за тоа, јас ќе бев категорична да не дава пари. Категорично ќе го советував тоа да не го прави, затоа што за мене е несфатливо некој поготово од таква позиција да ви бара пари, да ве рекетира едноставно. А од друга страна може и некој сакаше да го намести Орце. Можеше обратно да биде и да речат дека тој нуди парични средства – вели Кацарска.

Кацарска вели дека може само да му биде благодарна на семејството Камчеви што не ја вмешало во случајот, иако не би се дистанцирала од него, макар по цена и да биде разрешена, иако не направила ништо незаконско.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...