Не би рекла дека само неколку судии се виновни за состојбата во судството. Можеби е бројот малку поголем. Јас би била среќна да е навистина мал бројот на судии коишто не заслужуваат да ја носат судиската тога, но мојот впечаток е малку поинаков. Мислам дека има поголем број на судии на коишто не им е местото во судството, вели судијката Добрила Кацарска во интервју за „360 Степени“ на Алсат.
Таа вели дека е за ветинг во судството и дека тоа не го смета за притисок врз судството. Кацарска смета дека за ветинг не е потребна промена на Уставот и дека проверката на имотот на судиите може да започне и со Антикорупциската комисија.
– И не треба да се запре само на имотот којшто е на име на судиите, односно на пример, на имотот што го имам јас, што фигурира на мое име, туку и пошироко во семејството да се проверува, затоа што е јавна тајна дека има судии коишто купуваат имот, на име на сестра, на име на брат, итн. Значи, може да почне таа комисија со таа проверка -рече Кацарска.
Таа вели дека треба да се гледа целокупното однесување на еден судија.