Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека САД со Кина ја договориле првата фаза од трговскиот договор, според која Вашингтон ќе се откаже од воведување царини за увоз на кинески артикли, додека Пекинг ќе го зголеми купувањето на американски земјоделски производи.
– Постигнавме многу детален договор од првата фаза со Кина. Тие се согласија на многу структурни промени и огромно купување на земјоделските производи, енергетски и индустриски производи и уште многу други, напиша Трамп на Твитер.
Тој додаде дека нема да се наплаќаат казнените царини утврдени на 15 декември поради фактот што е постигнат договор. Трамп најави дека ќе почнат преговорите за втората фаза.
– Оваа е исклучителен договор за сите. Ви благодарам!, напиша Трамп на Твитер.
Во меѓувреме Канцеларијата на американскиот трговски претставник (УСТР) објави дека САД прифатиле „значително“ да ги модифицираат своите царини за кинеските производи во првата фаза од трговскиот договор со Пекинг, а Кина да купува многу повеќе американски артикли и услуги.
Според договорот, Вашингтон ќе ги задржи 25 процентните царини на околу 250 милијарди долари американски увоз од Кина, додека царините воведени на кинеските производи во вредност од 120 милијарди долари ќе се намали на 7,5 отсто.
Во соопштението од УСТР се наведува дека трговскиот договор бара структурни реформи на кинескиот економски и трговски режим во областите на интелектуалната сопственост, трансфер на технологијата, земјоделството, финансиските услуги, девизниот курс. Договорот вклучува и „силен систем за решавање на споровите“